Помеѓу 11 и 19 декември, во пресрет на почетокот на регуларната сезона на 22 декември, секој тим ќе одигра најмалку два меча и никој нема да игра повеќе од четири средби
КОШАРКА – НБА
Професионалната кошаркарска НБА-лига го објави распоредот на претсезоната, кој ќе се состои со 49 натпревари што треба да се одиграат помеѓу 11 и 19 декември, во пресрет на почетокот на регуларната сезона за 2020/2021, на 22 декември. Секој НБА-тим ќе одигра најмалку два меча, по еден дома и на гости, и никој нема да игра повеќе од четири средби, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Пет натпревари ќе се играат на 11 декември, а во тие мечеви е вклучен и актуелниот шампион, Лос Анџелес лејкерс, кој ќе го има за противник градскиот ривал Клиперс.
Има неколку интересни средби што треба да се одржат, а Далас со Лука Дончиќ ќе се соочи со Милвоки на Јанис Антетокомунпо на 12 декември, проследено и со дебито на Кевин Дурант со Бруклин еден ден подоцна, кога неговиот тим игра со Вашингтон. Тренерот Док Риверс ќе го има својот прв натпревар како тренер на Филаделфија, која ќе биде домаќин на 15 декември на еден од неговите поранешни тимови, Бостон. Торонто ќе го отвори својот привремен дом во Тампа против Мајами на 18 декември. Истата вечер, Бруклин ќе игра со Бостон…
НБА, исто така, соопшти дека планира наскоро да ја објави и првата половина од распоредот на регуларната сезона, која се состои од 72 натпревари. Лигата претходно соопшти дека планира да го објави распоредот на делови, за да ја земе предвид можноста дека натпреварите можеби ќе треба да се презакажат поради пандемијата на коронавирусот и со тоа да се овозможи поголема флексибилност. Исто така, се очекува дека лигата ќе има појасно чувство за можноста за присуство на гледачи на трибините како што ќе напредува сезоната.
Засега Јута веќе потврди дека очекува да има гледачи во својата арена (19.911 места) уште од почетокот на регуларната сезона, иако во многу мал број, откако доби дозвола од државните и од локалните здравствени власти, пишува „Марка“.