Огромен хендикеп ќе биде отсуството на Девана Бонер на овој меч. Нема дополнителен повик, за Хале патуваме со 11 кошаркарки и со желба да прикажеме добра игра против фаворитот, вели селекторот Ашаданов

КОШАРКА – МАКЕДОНИЈА ГИ ПОЧНУВА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2023

Огромен хендикеп ќе биде отсуството на Девана Бонер на овој меч поради болки во ‘рбетот. Лекарите ѝ советуваа да мирува, да одработи дополнителни терапевтски вежби и да се обиде да биде подготвена за дуелот в недела, против БиХ. Нема дополнителен повик, за Хале патуваме со 11 кошаркарки и со желба да прикажеме добра игра против фаворитот, вели Александар Ашаданов, селекторот на македонската женска репрезентација, која денеска против Германија (19.30 ч.) ги почнува квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, во Словенија и во Израел.
Во ноемврискиот циклус мечеви, в недeла, во Скопје, Македонија ќе игра со БиХ. Во групата е уште и Белгија. На ЕП ќе се пласираат првите две селекции од секоја од 10-те групи, како и најдобрите четири меѓу второпласираните. Квалификациите се играат и во ноември в година и во февруари 2023 година.
– Репрезентацијата е многу подмладена. Има девојки што првпат се сениорки. Меѓутоа, ние, поискусните, ќе го дадеме најдоброто од себе. Работиме да ги санираме повредите, па со добра игра и атмосфера да дадеме солиден отпор и да се бориме за победи во овие квалификации. Германките имаат многу искусен состав, со репрезентативки во најсилните европски натпреварувања. Добро ги анализиравме деновиве, се надевам дека ќе ги запреме нивните силни страни – вели репрезентативката Нена Трајчевска.
Германија досега 15 пати настапила на ЕП, а најдобар пласман ѝ е бронзата во 1997 година. БиХ има три настапи на ЕП, најдобар пласман ѝ е на ЕП годинава, петта. Белгија, која се смета и за прв фаворит во групата А, има 13 настапи на ЕП, а трета била во 2017 и во 2021 година.