Вестбрук е третиот во НБА-лигата што оствари барем 30 поена, 10 скока и 20 асистенции на еден меч. Претходно тоа им успеало само на Робертсон во 1961 година и на Џонсон во 1988 година
КОШАРКА – НБА
Кошаркарот на Вашингтон, Расел Вестбрук (32) постигна историски трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) и со тоа постави клупски рекорд по само 38 одиграни натпревари сезонава. Тој на натпреварот со Индијана, со 16-от трипл-дабл сезонава и 162-от вкупно, го надмина Дарел Вокер и во таа категорија го презеде водството во клубот, пишува НБА на својата интернет-страница.
Вестбрук акумулира неверојатни 35 коша, 14 скока и 21 асистенција во триумфот на Вашингтон, со 132-124, и е вкупно третиот во историјата на НБА-лигата што успеал да оствари барем 30 поена, 10 скока и 20 асистенции на еден натпревар.
Претходно тоа им успеало само на Оскар Робертсон (32-15-20), на 11 декември 1961 година против Чикаго, и на Џонсон (32-11-20), на 28 ноември 1988 година со Филаделфија. Вестбрук и Робертсон сега се единствени кошаркари што имале пет сезони со по најмалку 15 триплдабл-постигнувања.