Дејан Бодирога беше МВП на СП  1998

Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18-то Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот

ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (7)

Мундо-баскетот во 1994 година, 12-ти по ред, се одржал во Канада, со учество на 16 репрезентации и систем како и на претходниот во Аргентина. На него не настапила СР Југославија поради наметнатите санкции врз неа што биле во сила, иако претходно било решено токму Белград да биде домаќин.
По стандардните натпревари во групите, биле формирани две нови во вториот круг. Во првата група биле САД, Русија, Порторико и Австралија. Американците биле доминантни со три победи, а само Русија дала најголем отпор, загубила со 17 коша разлика (111-94), но како второпласирана отишла во полуфиналето.

Во втората група биле Хрватска, Грција, Канада и Кина. Хрватите со три победи стигнале до првата позиција, додека втори биле Грците откако ја совладале Канада (74-71).
Американците во полуфиналето ги декласирале Грците (99-57), додека во второто полуфинале, по голема борба, Русија триумфирала над Хрватска (66-64). Во борбата за бронзениот медал Хрватска убедливо ја надиграла Грција (78-60). Во финалето, дрим-тимот на САД бил и пресупериорен против Русија (137-91).

Во идеалната петорка на ова СП влегле славните американски НБА-играчи, Шекил Онил (кој наедно бил и МВП), Шон Кемп и Реџи Милер, потоа Хрватот Дино Раѓа и Русинот Сергеј Базаревич, нивниот денешен селектор. Прва „пушка“, пак, бил Ендру Гејз од Австралија, со дадени 23,9 поени во просек по натпревар.

По четири години, Грција била домаќин на најдобрите светски селекции. И повторно со 16 репрезентации сместени во четири групи, но со таа разлика што сега првите три од секоја група оделе во втората фаза. А таму биле формирани две групи со по шест екипи, кои, пак, ги пренеле освоените бодови од првиот круг.
Југославија, која повторно била дел од СП, убедливо ги совладала во првата група Канада (95-55) и Грција (70-56), а минимално загубила од Италија (60-61). Покрај неа, понатаму се пласирале Русија, Грција и Италија.

Во втората група биле САД, Аргентина, Шпанија, Литванија, Бразил и Австралија. САД биле први во групата по победата над Шпанците (75-73), а трети завршиле Литванците, кои биле подобри од Аргентина. Во четврт-финалето, Русија ја поразила Литванија (82-67), САД биле подобри од Италија (80-77), Грција од Шпанија (69-62), а Југославија од Аргентина (70-62).

Во возбудливото полуфинале Грција – Југославија, домаќинот имал предност на полувремето, но на крајот следувало продолжение, кое го добиле Југословените со 81-76, најмногу благодарение на Дејан Бодирога, кој уфрлил 31 кош. Во второто исто така драматично полуфинале, Русите минимално (66-64) славеле против САД.
Бронзениот медал им припаднал на САД, кои лесно го скршиле отпорот на Грција (84-61). Во големото финале во Атина, иако имала негатива од пет поени на полувремето, Југославија, сепак минимално ја победила Русија, со 64-62. Нивниот центар Жељко Ребрача бил најдобар на теренот, со 16 поена.

Најдобрата петорка на СП ја сочинувале Југословените Ребрача и Дејан Бодирога, Италијанецот Грегор Фучка, Русинот Васили Карашев и Шпанецот Алберто Херерос. Бодирога бил избран за најкорисен играч, а прв стрелец на СП бил Херерос, со 17,9 коша во просек по меч.


Финална табела 1994
1. САД 8-0
2. Русија 6-2
3. Хрватска 7-1
4. Грција 4-4
5. Австралија 5-3
6. Порторико 3-5
7. Канада 4-4
8. Кина 2-6
9. Аргентина 5-3
10. Шпанија 5-3
11. Бразил 2-6
12. Германија 5-3
13. Ј. Кореја 3-5
14. Египет 1-7
15. Куба 3-5
16. Ангола 1-7

Финална табела 1998
1. Југославија 8-1
2. Русија 7-2
3. САД 7-2
4. Грција 5-4
5. Шпанија 7-2
6. Италија 5-4
7. Литванија 5-4
8. Аргентина 3-6
9. Австралија 5-3
10. Бразил 2-6
11. Порторико 3-5
12. Канада 1-7
13. Нигерија 2-3
14. Јапонија 1-4
15. Сенегал 1-4
13. Ј. Кореја 0-5