Кошаркарите на првата германска лига, кои се собраа во Минхен, каде што треба да го доиграат првенството сезонава преку завршниот турнир без гледачи, се замолени да носат алки со чипови за мониторирање на движењето, ја пренесе ЕСПН изјавата на Стефан Холц, комесар на Лигата.
– Во случај да имаме еден или повеќе играчи или членови на персоналот што се позитивни на коронавирусот, ќе можеме да ги искористиме овие информации за да утврдиме со кого биле во контакт во претходните 48 часа – изјави за „Магента спорт“ д-р Флоријан Каинзингер, кој е одговорен за спроведување на санитарните мерки на турнирот.
Употребата на алката е доброволна, играчите би биле регистрирани под псевдоним, а само одговорните лекари ќе можат да го идентификуваат играчот. Како и во фудбалот, германската кошарка презентира санитарен протокол и календар за доигрување на сезоната. Десет екипи се согласија да учествуваат во ова тринеделно првенствено натпреварување. Сите се сместени во ист хотел и во изолација.