Првиот светски рекет Шпанецот Карлос Алкараз е новиот шампион на Австралија опен откако во денешното финале го совлада десеткратниот победник на овој турнир Новак Ѓоковиќ со 3:1 во сетови (2:6; 6:2; 6:3 и 7:5). Финалниот меч траеше 3 часа и 4 минути, а Алкараз ја освои првата титула во Мелбурн.
Финалето почна со доминација на Ѓоковиќ кој првиот сет го доби со 6:2 и притоа успеа да направи два брејка. Во следниот сет иста слика со тоа што во овој сет два брејка имаше Алкараз. Таа тенденција продолжи и во третиот сет во кој Ѓоковиќ спаси и четири сет топки. Во четвртиот сет Ѓоковиќ спаси шест брејк топки и изедначи на 1:1 во гемови, а не искористи една во деветтиот гем. Во 12.гем Алкараз ја искористи првата меч топка и го доби сетот со 7:5.
Ова беше 10-ти меѓусебен меч на двајцата тенисери и сега скорот е 5:5 во победи.
_______________________________________________________________________
Алкараз: Новак, ти благодарам за се што правиш
Најдобриот светски тенисер Карлос Алкараз за првпат во кариерата триумфираше на Австралија опен откако во финалето со 3:1 во сетови го совлада десеткратниот првак на турнирот Новак Ѓоковиќ. На церемонијата тој се обрати прво до српскиот тенисер.
– Новак секако дека заслужува овации. Зборуваш дека правам неверојатни работи, но тоа што ти го правиш инспирира. Не само тенисерите, туку сите спортисти, сите луѓе на светот. За мене е чест да ја „делам“ соблекувалната и теренот со тебе, но и да те гледам како играш. Ти благодарам на тоа што го правиш, дека тоа мене ме инспирира – изјави Алкараз.
За победата на Австралија опен шпанскиот тенисер потенцираше:
– Никој не знае колку напорно работев да стигнам до трофејот. Едноставно ме „туркаа“ да работам се што требаше и навистина сум благодарен на сите што сте тука покрај мене. Ова е и Ваш трофеј – рече тој.
И Алкараз не пропушти да го поздрави Рафаел Надал, кој од трибините го следеше ова финале.
________________________________________________________________________
Ѓоковиќ: Карлос млад си има уште време пред тебе
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во 11.то финале на Австралија опен за првпат не успеа да го подигне победничкиот пехар. Во своето обраќање тој зборуваше за Карлос Алкараз, кој го освои својот прв трофеј во Мелбурн.
– Честитки Карлос, неверојатни неколку недели. Најдобриот збор е: историско, легендарно. Ти посакувам се најдобро во кариерата, млад си и има уште време пред тебе. Благодарност и до мојот тим, пред сè за поддршката – изјави Ѓоковиќ.
Тој се обрати и до Рафаел Надал, кој беше на трибините и го следеше финалето.
На публиката десеткратниот победник на Австралија опен и се обрати со зборовите:
– Само Господ знае што ќе биде утре, а не за шест или 12 месеци, така да … Беше „одлично возење“ – Ве сакам, порача тој.


































