Одбојкарите на Штип УГД ја одбранија куп-титулата и стигнаа до третиот пехар во низа откако во финалето на 33. издание од Купот на ОФМ 2026, со 3:1 (25:17, 22:25, 32:30, 25:13) го победија Борец. Противниците одиграа одлично финале, богато со убави поени, емоција, надмудрување… Сепак штипскиот состав покажа поголема константност и предводена од најкорисниот играч Стојан Илиев, како и одлично расположените Задмард, Јуниор, Арсов, Мирасчиев, Стојанов… кои го следеа дојде до „хет-трик“ во куп-натпреварувањето.
За кратко беше неизвесно на стартот од мечот, 2:2, за потоа бранителот на титулата да наметне свое темпо и да направи комотна предност 14:9, односно 17:10. Се обиде Петре Жабев на двапати да ги консолидира своите редови, но не успеа во тоа. Користејќи ја втората сет-топка, со 25:17, Штип УГД поведе со 1:0.
Егал стартуваше и вториот сет 4:4, но следуваше серија од 0-6 за Борец, која му донесе предност од 4:10. Се разиграа Оливеира, Бастос, Ивковиќ и Димовски, па предноста на велешани растеше (12:20). Во финишот на сетот Штип УГД полека почна да се враќа и со поангажирана игра и во поле и на мрежа се доближи на 19:24, но Борец со 22:25 го затвори сетот за изедначување 1:1.
Маратонски трет сет одиграа ривалите. Сет кој беше игра на нерви и на моментална инспирација. Штип УГД поведе со 3:1, но Борец веднаш се врати и се играше изедначено, најчесто поен за поен, а на 6:8 велешкиот тим за првпат имаше плус два. Таквата предност ја зголемија, 11:14, односно 15:18. „Бркаше“ резултат бранителот на пехарот се до 22:22 кога Илиев донесе изедначување. Следуваше долга серија на убави поени, надмудрување и вистинско мерење на силата на противниците, а „рулетот“ му припадна на Штип УГД со 32:30.
Штип УГД уште посилно влезе во продолжението, поведе со 6:2, односно 10:4 и според агресивноста која ја покажа на теренот даде до знаење дека нема да му дозволи на Борец да се врати во игра. Во средината на сетот веќе беше 15:7, т.е. 19:9, па тренерот Жабев направи комплетна промена на поставата и им дозволи и на помладите одбојкари во неговиот состав да го почувствуваат финалето. Истата пракса ја примени и предводникот на Штип УГД, Кристиан Ристески, а дуелот заврши со 25:13 и победа од 3:1 во сетови за штипскиот клуб.
Куп-пехарот трета година во низа останува во Штип, а сега следува битката за шампионската титула во првенството, за која одново овие два клуба се главни кандидати.

































