Таква казна би следувала доколку „старата дама“ официјално не се повлече од пропаднатиот проект за формирање европска суперлига, предупредува шефот на италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина
Јувентус, фудбалскиот гигант од Торино, би можел да биде исклучен од Серија А доколку официјално не се повлече од пропаднатиот проект за формирање европска суперлига, предупредува шефот на италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина, во изјавата за радиото Анке ло спорт.
Минатиот месец, 12 клуба планираа да се отцепат од Лигата на шампионите (ЛШ) и да формираат сопствено натпреварување, наречено суперлига. Меѓу нив шест клуба беа од англиската Премиер-лига, и по три од Шпанија и од Италија. По јавната негативна реакција во трите земји, и од УЕФА, како и одбивањето на германските и на француските клубови да им се придружат, проектот неславно пропадна. Во меѓувреме девет клуба формално се повлекоа и ги прифатија казните од УЕФА, но не и Јувентус, Барселона и Реал Мадрид, кои и натаму остануваат формално посветени на проектот и се соочуваат со уште потешки казни од УЕФА. Покрај тоа, казните би можеле да се прошират и на нивните домашни лиги. Гравина предупредува дека „старата дама“ би можела да биде исклучена од Серија А.
– Идејата за затворена лига не е добро за европскиот фудбал, ни за италијанскиот, ни, пак, за Јувентус. Се надевам дека за многу кратко време ќе се стави крај на оваа борба меѓу УЕФА и големите клубови. Oчекувам овој спор да се реши што е можно побрзо, сите сме по малку уморни. Ние веќе изјавивме дека ги почитуваме правилата, a тие правила значат и неиграње во нашата лига доколку принципите утврдени од федерацијата и од УЕФА не бидат прифатени – вели Гравина.