Зад Хендерсон според бројот на гласови се Кевин де Брујне, Маркус Рашфорд, Вирџил ван Дајк и Садио Мане

АНГЛИЈА – ИЗБОР НА ФУДБАЛСКИТЕ НОВИНАРИ

Капитенот на англискиот фудбалски првак Ливерпул, Џордан Хендерсон, е добитник на признанието за играч на сезоната во Премиер-лигата, во изборот на Здружението на фудбалски новинари (ФВА) на Англија.
Зад Хендерсон, кој го предводеше Ливерпул до првата титула во Премиер- лигата по 30 години пауза, според бројот на гласови, се најде играчот од средниот ред на Манчестер сити, Кевин де Брујне, а напаѓачот на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд беше трет. Соиграчите на Хендерсон од Ливерпул, Вирџил ван Дајк и Садио Мане, ги комплетираа најдобрите пет фудбалери сезонава во Англија.
Признанието се доделува од 1948 година, кога победил Стенли Метјус. Рекордер е Тиери Анри со три вакви трофеи (2003, 2004 и 2006 година), а по два имаат Кристијано Роналдо, Гери Линекре, Џон Барнс, Кени Далглиш, Метјус, Дени Бланчфлауер и Том Финли.
– Благодарам за признанието, но мислам дека големи заслуги за тоа имаат и моите соиграчи. Им должам многу на толку различни луѓе, но најмногу на соиграчите, кои беа неверојатни сезонава и секој, исто колку и јас, го заслужува ова. Тие момци ме направија подобар играч, подобар лидер и подобра личност – изјави Хендерсон.