Очекуваме одговор од УЕФА во најскоро време, по што ќе бидеме начисто како понатаму. Веројатно, во тој контекст ќе биде разговарано и за другите плејоф-натпревари што ќе се играат во истиот термин и во земји што се соочуваат со исти проблеми како и Македонија, кадровски, со играчи во странски клубови, како и со ширењето на коронавирусот. Ние сме во контакт со македонските фудбалери во странство и сите сме во исчекување на одговорот од УЕФА, вели портпаролот на ФФМ Златко Андоновски
Мечот Македонија – Косово за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020, на 26 март во Скопје, ќе се игра без публика, по одлуката на Владата за забрана на сите спортски манифестации со присуство на публика во следните 30 дена. Ова на спортски план создава други проблеми, најмногу за фудбалскиот селекторот на Македонија Игор Ангеловски, поради неможноста да смета на услугите на клучните фудбалери, пред сите на капитенот Горан Пандев (Џенова), Елиф Елмас (Наполи), Илија Несторовски (Удинезе), кои играат за клубови во Италија, земјата што е најпогодена од коронавирусот. Тие по доаѓањето во Македонија треба да бидат во изолација две недели.
– Во моментов не можам ништо конкретно да кажам. Чекаме одговор од УЕФА, потоа ќе размислуваме како и што ќе биде. Моја желба е за тој меч да ги имам на располагање сите фудбалери и да играме пред полни трибини – вели Ангеловски.
Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) испратиле допис до Европската фудбалска унија (УЕФА) со барање за одложување на мечот.
– Очекуваме одговор од УЕФА во најскоро време по што ќе бидеме начисто како понатаму. Веројатно, во тој контекст ќе биде разговарано и за другите плејоф-натпревари што ќе се играат во истиот термин и во земји што се соочуваат со исти проблеми како и Македонија, кадровски, со играчи во странски клубови, како и со ширењето на коронавирусот. Ние сме во контакт со македонските фудбалери во странство и сите сме во исчекување на одговорот од УЕФА – вели портпаролот на ФФМ Златко Андоновски.
ФФМ на својата интернет-страница објави соопштение, кое ви го пренесуваме:
„Во дописот, покрај проблемот со гледачите (забрана од македонската влада за присуство на публика), ФФМ го потенцира проблемот со пристигнувањето на фудбалерите од репрезентацијата во нашата држава, односно евентуалната изолација за одредени фудбалери, кои би пристигнале од земјите со висок степен на присуство на вирусот ковид-19. Токму поради овие вонредни причини, ФФМ е во постојана и интензивна комуникација и со Министерството за здравство и со Институтот за јавно здравје и во целост се придржуваме кон нивните препораки, донесените мерки или забрани. Исто така, по консултации со претставници на фудбалските федерации на Грузија и на Белорусија, една од двете држави кои беа одредени за домаќини на финалниот натпревар на 31 март за пласман на ЕП 2020, неофицијалните информации велат дека е можно репрезентацијата, која би обезбедила пласман во финалето да се соочи со одредени мерки на претпазливост за здравствена заштита при влез во една од државите. И во однос на ова ФФМ е во постојан контакт со споменатите федерации и со УЕФА. Во согласност со последните препораки и забрани од Владата на Македонија за превенција од вирусот ковид-19, Комисијата за младински фудбал донесе одлука сите натпревари во младинските конкуренции и натпреварите од детските лиги на ФФМ да се суспендираат во наредните две седмици“.
Ширењето на коронавирусот им создаде неволји и на другите земји, кои ги очекуваат плејоф-мечевите кон крајот на март. БиХ, која се среќава со Северна Ирска во Сараево, има неколкумина што играат во Италија (Јасмин Џеко во Рома, Миралем Пјаниќ во Јувентус, Асмир Беговиќ во Милан…). Во БиХ е одложен почетокот на продажбата на билетите за тој меч. Бугарите, пак, ја прекинаа продажбата на билети за дуелот со Унгарија. Словаците, исто така, имаат неколкумина стандарди репрезентативци што играат во Италија (игра со Р. Ирска), како и Србија (се среќава со Норвешка на гости).