За денеска од 12 часот во просториите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е предвидено да почне извлекувањето на натпреварувачките броеви и на двојките за новата сезона во првата и во двете втори фудбалски лиги.
Според календарот објавен од ФФМ, 28-та прволигашка сезона треба да почне на 11 август, од годинава и со телевизиски преноси на регионалната телевизија Арена спорт и на МТВ, и тоа од секое коло по два (сабота и недела), како и натпревари од Купот на Македонија.
Второлигашите првото коло треба да го играат на 24 август. Денеска ќе бидат влечени и двојките за првото коло на Купот на Македонија, кое, пак, е предвидено за 21 август.
И сезонава во Првата лига ќе настапат 10 клуба. Титулата ќе ја брани Шкендија, повратник во најсилното натпреварување е Борец, а првпат ќе настапи Струга Трим-Лум, која ќе биде 42-от македонски прволигаш. Во Првата лига ќе настапат и Академија Пандев, Вардар, Македонија ЃП, Работнички, Ренова, Силекс и Шкупи.