Тој го постигна решавачкиот гол во финалето Шпанија – Германија (1-0) во Виена, на ЕП 2008, на кое Вилја беше најдобар стрелец, Чави најдобар играч, а Касилјас првиот голман, капитен на репрезентација, освојувач на трофејот
ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (13)
Шпанија ја совлада Германија со 1-0 во финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2008 година, на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена, со голот на Фернандо Торес во 33-та минута. Шпанците заслужено триумфираа за што сведочи фактот дека упатија седум удари на противничкиот гол, а Германците само еден.
– Резултатот не беше добар само за Шпанија туку и за фудбалот, бидејќи титулата ја освои најдобриот тим, што не се случува секогаш – изјави Торес по финалето.
Торес успешно го замени Давид Вилја, најефикасниот на турнирот со четири гола, кој поради повреда не можеше да настапи во финалето.
Луис Арагонес, познат по долгогодишната поврзаност со Атлетико Мадрид, како играч и како тренер, ја предводеше Шпанија до славењето на ЕП 2008. Тој стана селектор на „фуријата“ во јули 2004 година, на 65-годишна возраст и го презеде тики-така стилот со многу кратки додавања што тогаш преовладуваше во Барселона. Тој се повлече по триумфот на тоа првенство, втор за Шпанија по 1964-та, горд на добро завршената работа, нарекувајќи ја својата селекција „модел за играње фудбал“. Арагонес почина во 2014 година, на 75 години.
Икер Касилјас стана првиот голман, капитен на репрезентација, освојувач на трофејот. Тој тогаш имаше 27 години, а можеше да се пофали со огромно искуство и со многу освоени титули, меѓу кои и две во Лигата на шампионите (ЛШ) со Реал Мадрид. Но призна дека бил многу нервозен пред финалето.
– Се чувствував одговорен пред моите соиграчи и пред 44 милиони луѓе во Шпанија – кажа Касилјас, кој потоа стана и светски првак во Јужна Африка во 2010 година и ја одбрани европската титула во Полска и во Украина во 2012 година.
За најдобар играч на ЕП беше прогласен плејмејкерот на Шпанците, Чави.
– Му докажавме на светот дека може да се победи со стил – рече Чави.
Домаќини на ЕП 2008 вторпат беа две земји, Швајцарија и Австрија (претходно, во 2000 година Белгија и Холандија), а натпреварите се играа во осум града (Базел, Берн, Женева, Цирих, Инсбрук, Салцбург, Клагенфурт и Виена). На завршниот турнир настапија 16 репрезентации поделени во четири групи, по што следуваше нокаут-фазата. Од тоа ЕП има и еден куриозитет. Во Берн, на мечот Холандија – Франција, дојдоа 100.000 навивачи на „лалињата“, удвојувајќи го бројот на жителите на швајцарската престолнина.
Европското фудбалско првенство одложено за идната година е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување