По жестоките реакции, шесте англиски клуба први се повлекоа од суперлигата

ФУДБАЛ

Проектот на 12 европски фудбалски клубови за формирање суперлига, само два дена по објавата доживеа фијаско. По жестоките, негативни реакции од Европската фудбалска унија (УЕФА), Светската фудбалска федерација (ФИФА), од Владата на Велика Британија, од Премиер-лигата, од англиската ФА, од навивачките здружија, па и од спонзорите, шесте англиски клуба, Ливерпул, Арсенал, Челси, Тотенхем, Манчестер јунајтед и Манчестер сити потврдија дека се повлекуваат, а потоа од преостанатите шест основачки клуба повлекување вчера први објавија Атлетико Мадрид и Интер.
– Европската суперлига е убедена дека сегашната статус кво состојба на европскиот фудбал треба да се промени. Предлагаме ново европско натпреварување, бидејќи постојниот систем не функционира. И покрај повлекувањето на англиските клубови, кои беа принудени да донесат вакви одлуки поради притисокот, убедени сме дека нашиот предлог е целосно усогласен со европските закони и регулативи – се вели со соопштението на суперлигата.
Во Англија „сѐ живо се крена“ против суперлигата, од премиерот Борис Џонсон, преку капитени и врвни играчи, Џордан Хендерсон, Кајл Вокер, Кевин де Брујне, Адам Лалана. На иста линија се менаџерите како Пеп Гвардиола, Јирген Клоп, познатите поранешни фудбалери, Кени Далглиш, Иан Рајт, до стручните коментатори, Џајми Карагер, Гари Линекер, навивачи, јавни личности итн.
– Ова е добар резултат за љубителите на фудбалот, за клубовите и за заедниците низ целата земја. Ние мора да продолжиме да ја штитиме националната игра – напиша на Твитер, Борис Џонсон.

Извршниот директор на Манчестер јунајтед, Ед Вудвард, најави повлекување од функцијата на крајот од годинава. Во Англија најгневни беа навивачите на Ливерпул. Над 1.000 навивачи на Челси, пак, протестираа пред стадионот, пред мечот со Брајтон, па мораше да ги смирува Петр Чех, поранешниот голман, сега технички консултант во клубот.
– Мислам дека Перез и понатаму ќе инсистира на промени. Не само поради парите, кои се битни. Тие имаат направено прецизна анализа на ситуацијата и сѐ е поткрепено со многу податоци. Парите што доаѓаат од ТВ-правата се намалуваат, па затоа деловната страна на фудбалот мора да се промени – вели за „Би-би-си“, Гијем Балаге, шпански фудбалски коментатор.
Еден од основачите на европската фудбалска суперлига и претседател на Јувентус, Андреа Ањели, изјави дека лигата веќе не е можна по повлекувањето на шест англиски клуба, што следуваше по 48-часовна интензивна критика.
– Останувам убеден во убавината на тој проект. Но мислам дека проектот повеќе не е активен – изјави тој, додавајќи оти ќе се создадеше најдоброто натпреварување во светот.