Од различни причини, повеќемина познати фудбалери никогаш не настапиле на СП, како Ди Стефано, Кантона, Литманен, Хипија, Раш, Гигс…

Неделава низ светот се играат многу решавачки квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година, во Катар. Завршницата на СП е вистински самит на најдобрите од светот, од кои многумина таму „направиле име“, станале светски мегаѕвезди, но има многумина што никогаш не настапиле на СП.
Бразилецот Пеле блесна како тинејџер, на СП во 1958 година, освојувајќи ја првата титула светски првак со „кариоките“, за потоа да освои уште две, во 1962 и во 1970 година. Успеси на мундијалите имаа и, на пример, Германците Франц Бекенбауер и Герд Милер во 1974 година, Аргентинецот Марио Кемпес во 1978-та, Италијанецот Паоло Роси во 1982 година, Аргентинецот Диего Марадона на СП 1986, Французинот Зинедин Зидан на СП 1998 итн. Имаше и многумина што блескаа на СП, но не успеаја да ги достигнат шампионските височини (Јохан Кројф, Мишел Платини…).
Но има десетици врвни фудбалери што од различни причини никогаш не настапиле на мундијал. Алфредо ди Стефано, Аргентинецот што имаше и шпански пасош и играше за двете земји, во 50-тите години од минатиот век блескаше во дресот на Реал Мадрид (пет титули првак на Европа), но не заигра на СП. Меѓу Французите, двајца истакнати фудбалери, Ерик Кантона и Давид Жинола, напаѓачите на англиските премиерлигаши Манчестер јунајтед и Тотенхем, ги немаше во француската репрезентација на СП 1994 и на СП 1998. Финецот Јари Литманен, офанзивниот играч за врска на Ајакс, Ливерпул и на Барселона, чија меѓународна кариера траеше од 1989 до 2010 година, не заигра на СП, како и неговиот сонародник Сами Хипија, центархалфот и капитен на Ливерпул, бидејќи нивната репрезентација никогаш не се квалификува за завршницата. Велшаните Иан Раш и Рајан Гигс, кои блескаа и освоија голем број трофеи со Ливерпул, односно со Манчестер јунајтед, од истите причини како Литманен и Хипија не играа на СП. Шанса тоа да го стори за нив, јасно и за себе, има Герет Бејл, кој утре ќе го играа 100-от меч за Велс. До СП не стигна ниту Либериецот Џорџ Веа, освојувач на „златната топка“ во 1995 година, поранешен напаѓач на ПСЖ, Милан и на Манчестер сити…


Четворица настапиле на по пет мундијали

Четворица фудбалери можат да се пофалат со фактот дека по пет пати настапиле на светските првенства (СП). Од Европа тоа се Италијанецот, голманот Џанлуиџи Буфон (1998, 2002, 2006, 2010 и 2014 година, со освоена титула) и Германецот, плејмејкерот Лотар Матеус (1982, 1986, 1990, 1994 и 1998, една титула). Тој одигра и најмногу натпревари на СП, 25. Од Мексико има двајца со по пет настапи на мундијалските турнири, голманот Антонио Карбахал (1954, 1958, 1962, 1966 и 1970 година) и центархалфот Рафаел Маркез (2002, 2006, 2010, 2014 и 2018).