ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Баерн, Манчестер сити, Реал Мадрид и Челси победија во првите мечеви на гости, пред реваншите неделава од осминафиналето

По четирите реванши од осминафиналето, неделава ќе бидат познати сите осум тима што ќе ги продолжат настапите во четврт-финалето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Бранителот на титулата, Баерн, и Манчестер сити се блиску до четврт-финалето, а шпанските и мадридски ривали Реал и Атлетико се во незгодни позиции.

Аталанта четврти пат не успеа да победи на домашен терен сезонава во ЛШ, но Реал Мадрид знае дека тимот од Бергамо сезонава забележа три победи на гости во групната фаза, над Митјиланд, Ливерпул и над Ајакс, без да прими гол.

– Едноставно, мора да победиме во Мадрид. Не можеме да размислуваме за што било друго, имаме само една опција – изјави тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини.
По триумфот во првиот натпревар со 2-0, на гости, кај Борусија Менхенгладбах, Манчестер сити речиси е меѓу најдобрите осум.

– Ако луѓето велат дека сме фаворити, во ред е, ќе го прифатиме тоа – вели Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити.
На Борусија (М) ѝ претстои тешка задача против тимот што нема примено гол 616 минути во ЛШ.

Акробатскиот гол на Оливие Жиру му ја донесе минималната победа на Челси над Атлетико, на гости, со 1-0, на неутрален терен во Букурешт. Но тренерот на „сините“ од Лондон, Томас Тухел, добро знае дека е далеку од готова работата, затоа што Атлетико лани победи на гости и го елиминира Ливерпул во оваа фаза од натпреварувањето.

– Реваншот ќе биде тежок и неизвесен, но така е на кој било натпревар во Лигата на шампионите – изјави тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.
Баерн го победи Лацио на првиот меч во Рим, со 4-1.