Актуелниот европски првак Баерн го загуби првиот меч минатата среда во Минхен, со 2-3, и сега гостува во Париз
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Актуелниот европски првак Баерн утре игра еден од најважните натпревари сезонава, реваншот во четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), на гости, против Пари сен Жермен (ПСЖ). За Баварците тоа ќе биде 100-ти натпревар во нокаут-фазата во ЛШ, вториот клуб по Реал Мадрид со такво остварување, значаен и поради фактот дека го загубија првиот меч минатата среда во Минхен, со 2-3, по што ќе им биде потребна победа од најмалку два гола разлика за пласман во полуфиналето (или 4-3, 5-4…).
ПСЖ ја прекина серијата на Баерн од 19 меча без пораз во ЛШ (од март 2019-та), а во своите редови ги има Нејмар и Килијан Мбапе, кои блескаа на дуелот на арената „Алијанц“. Мбапе е во одлична форма, постигна два гола на тој меч, вкупно осум сезонава во ЛШ, два помалку од најефикасниот, Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд. ПСЖ во минатата осминафинална рунда ја елиминира Барселона (4-1 и 1-1), односно на 16 од 17 дуели, кога забележал победа на гости во првиот натпревар, се пласирал натаму. Згора на сѐ, мотив плус за ПСЖ е и да се реваншира за поразот во ланското финале во ЛШ.
Челси заврши голем дел од работата на првиот меч против Порто (2-0) во Севилја, но Порто покажа квалитет и ментална цврстина во минатата рунда, кога го елиминира Јувентус.
– Ние сме на средината од битката и тоа ни дава верба дека ништо не е готово – изјави тренерот на Порто, Сержио Консеисао.
Првакот од 2019-та, Ливерпул, посакува ново „чудо“ како она против Барселона пред две години, кога негативата од 0-3 ја претвори во голем триумф со 4-0. Но и Реал Мадрид, најтрофејниот со 13-те европски титули, има свои сметки, има квалитетен тим со одлични поединци и предност од 3-1 од првиот меч во Мадрид. „Црвените“ овој пат ќе ја немаат поддршката од полниот стадион „Енфилд“, што честопати била решавачка. Борусија Д. на мечот со фаворизираниот Манчестер сити на гости (1-2) малку недостигаше да ремизира. Сити има тим способен да победи и на гостувањето во Дортмунд, но во германскиот тим е Ерлинг Холанд, најефикасниот сезонава во ЛШ со 10 гола, потоа Марко Ројс, Џејдон Санчо, Џад Билингам…
УТРЕ
ПСЖ – Баерн (3-2)
Челси – Порто (2-0)
СРЕДА
Ливерпул – Реал Мадрид (1-3)
Борусија Д. – Манчестер С. (1-2)
во заградите се резултатите од првите мечеви