Автоматски значи дека сигналот оди директно до часовникот на линискиот судија и му кажува дали е офсајд. Во моментот имаме ситуации кога играчите се на линија и за да се процени дали се во офсајд во просек времето за проверка е околу 70 секунди, понекогаш и подолго. Со полуавтоматскиот систем сигналот оди прво до ВАР, кој потоа му го препраќа на линискиот судија. Јас силно притискам за системот за автоматски офсајд, вели Арсен Венгер, шефот за глобален развој при ФИФА

ФУДБАЛ

Поранешниот менаџер на англискиот премиерлигаш Арсенал, од 2019 година шеф за глобален развој при Светската фудбалска федерација (ФИФА), Арсен Венгер, вели дека е можно на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар да има целосно автоматизиран систем што ќе го известува помошник-судијата кога играчот е во офсајд, објави „Скај спорт“.
Интернационалниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ), задолжен за толкувања и за измени на правилата на фудбалската игра, минатиот месец соопшти дека продолжува да го разгледува правилото за офсајд и оти планира да ја тестира полуавтоматизираната технологија што ќе го известува за офсајд системот видеопомошник-судијата (ВАР).
Целта на користењето на оваа технологија ќе биде да се обезбедат поточни одлуки за офсајдот и да се намали времето при донесувањето на одлуките на системот ВАР.

– Мислам дека системот за автоматски офсајд ќе биде подготвен за 2022 година. Автоматски значи дека сигналот со црвено светло оди директно до часовникот на линискиот судија и му кажува дали е офсајд. Во моментот, имаме ситуации кога играчите се на линија и за да се процени дали се во офсајд во просек времето за проверка е околу 70 секунди, понекогаш една минута и 20 секунди, понекогаш и подолго кога ситуацијата е многу тешко да се процени. Затоа е важно да се намали тоа време затоа што гледаме многу прекинати прослави на голови. Со полуавтоматскиот систем сигналот оди прво до ВАР, кој потоа му го препраќа на линискиот судија. Јас силно притискам за системот за автоматски офсајд – вели Венгер, во неодамнешното интервју за ФИФА, која веќе го тестираше полуавтоматскиот систем на клупското Светско првенство во 2019 година.