Ќириќ беше најефикасниот играч во Првата македонска лига веднаш по независноста на Македонија, со 35 постигнати гола. Тој е фудбалер и со богата меѓународна кариера и е најефикасниот наш играч во странските првенства со 118 гола

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (203)

Еден од најпознатите и најквалитетни македонски фудбалери во последната декада од минатиот и првата од овој век е Саша Ќириќ. Детето од кумановско Ново Село, од ракометар и кошаркар, прекуноќ се преориентира и стана фудбалер. И тоа не просечен, туку со врвни квалитети, кои му овозможија да стане и еден од најуспешните македонски фудбалери што настапувале во странство. Неговите реализаторски способности доаѓаа до израз и тогаш кога играше за екипи од три земји, Бугарија, Швајцарија и Германија, па со 118 постигнати голови во тамошните првенства е македонскиот стрелец број еден на меѓународната сцена.
Саша Ќириќ се памети по многу нешта во македонскиот фудбал. Меѓутоа, она по што најчесто се споменува, тоа е што тој беше првиот стрелец во првиот шампионат на Македонија по нејзиното осамостојување. По распадот на Југославија и згаснувањето на Првата фудбалска лига во поранешната држава, Ќириќ бранејќи ги боите на Вардар во сезоната 1992/93 со 35 гола беше најефикасниот фудбалер во македонското првенство. Две години подоцна, пак, со 36-те постигнати гола стана и рекордер во МФЛ.

ДОАЃАЊЕТО ВО ВАРДАР

Саша Ќириќ имаше интересен спортски почеток. Додека одеше на училиште од Ново Село во Куманово фудбалот не му беше меѓу приоритетните спортови. Имено, со оглед на тоа што Куманово, покрај фудбалот, беше познат по ракометот и по кошарката, кои најмногу се практикуваа на часовите по физичко, тој почна да се занимава со двата спорта. Мора да кажеме дека и во двата беше успешен и настапуваше за училишната екипа, за потоа да се пресели и во кумановските клубови. Така, играше ракомет и кошарка, сѐ до оној момент додека еден ден не заигра фудбал за Слога, екипа од соседното село Умин Дол, која се натпреваруваше во општинската лига.
– По неколку одиграни натпревари на гости кај нас дојде еден пријател на татко ми и му рече „син ти е талентиран за фудбал, ако се согласуваш имам контакт со луѓето од Вардар, можам да го однесам во Скопје да го видат тренерите“. Татко ми се согласи и така по ден-два веќе бев на помошниот терен крај Градскиот стадион. Тогаш имав 18 години, може да се каже дека бев и „стар“ за почетник. Но, ете, дојдов да ја испробам среќата. Со помладите категории во Вардар во тој период работеа Дончевски и Божиновски, па кога дојдов на тренинг Дончо ми рече „ајде загреј се малку, да те видам што фудбалер си“. Бев изненаден и се најдов во небрано, зашто јас воопшто не сум се загревал и не знаев како сето тоа изгледа во фудбалот. Меѓутоа, се снајдов и се загреав според она што го имав како искуство од ракометот и од кошарката. За игра со топка немав проблеми, таа ми „лежеше“, па веројатно уште тогаш Дончо забележа оти може да ме биде и ми рече да дојдам и другиот ден на тренинг. Така, полека почнав со тренинзи и веќе се чувствував како член на вардаровото семејство, но со неизвесна иднина. Ова неизвесна го велам од проста причина што Вардар во тоа време имаше една млада и квалитетна екипа предводена од Трајановски, П. Георгиевски, Савевски, па тешко можеше да се дојде до првиот тим – вели тој.

Но, не сакајќи да го испуштат, зашто сепак тренерите на Вардар забележаа дека тој има фудбалски квалитети, во 1986 година Саша Ќириќ потпиша договор за стипендирање. Но она што го почувствува во почетокот оти пробивот во првиот тим тешко ќе оди, се потврди во моментот кога по шест месеци беше позајмен на Металург, на чие кормило беше искусниот тренер Дамјан Стојановски.
– Тој беше извонреден стручњак, кој знаеше како да се однесува со младите играчи. Дамјан со мене беше многу коректен, а, исто така, и со Саше Милошевски, со кого заедно дојдовме кај „металурзите“, а потоа некако исто ни се одвиваше и кариерата на двајцата. Во тимот од Автокоманда имаше, исто така, квалитетни фудбалери, меѓу кои најекспониран беше Милосовски, кој беше и голгетер. Ми се чини дека тој беше еден од најдобрите играчи од нападот што ги имала Македонија. Така, практично во Металург почна мојата вистинска фудбалска кариера. Но кога заиграв и почнав да постигнувам голови морав да заминам во војска, која една година ме оддалечи од фудбалските терени – продолжи Ќириќ.

КАЈ ХАЏИЕВСКИ ВО ПЕЛИСТЕР

Интересно е дека по отслужување на воениот рок, кога помислил дека конечно ќе заигра во Вардар, бил непријатно изненаден кога му рекле оти на него и на Саше Милошевски не сметаат и ќе треба да бараат друг клуб.
– Двајцата бевме разочарани, но не се предававме, знаевме дека некој друг клуб сигурно ќе биде заинтересиран за нас. Така, размислувајќи што понатаму, му велам на Саше „имаш ли некој телефон од тренери во Македонија“. Тој извади еден тефтер со многу имиња. Еве, имам еден број на тренер од Битола, така ми пишува во тефтерот, можеби тоа е бројот од Хаџиевски. Решивме да се јавиме и да видиме за кого се работи. Откако кажавме кои сме, стигна експресен одговор од тогашниот тренер на Пелистер „па, каде сте, ве барам насекаде, сакам да дојдете во Пелистер“. Хаџиевски и претходно размислувал за нас, но не можел да стапи во контакт. Тогаш ни рече да се снајдеме како знаеме и веднаш да тргнеме за Битола. Бевме изненадени и среќни од брзата реакција и истиот момент го замоливме братот на Пане Блажевски, Пецко, да нѐ префрли до Битола. Според договорот, Ѓоко нѐ чекаше заедно со претседателот на клубот. Многу и немаше што да зборуваме, не баравме некои посебни услови, битно ни беше да најдеме клуб, па така веднаш се договоривме. Така, со Милошевски од тој момент станавме фудбалери на Пелистер и практично оттука почна нашата вистинска кариера. Меѓутоа, мора да истакнам дека и мене ми беше полесно да играм, кога крај себе ги имав Јовановски, Влатко Костов, Тони Мицевски, Митко Стојковски, а на голот беше покојниот Петар Милошевски. Тоа беше еден тим, кој знаеше да се разигра и да совлада секаков противник. Впрочем, својата сила ја манифестиравме и во Купот на Југославија, во кој стигнавме до четврт-финалето. Таму противник ни беше сплитски Хајдук, клуб со традиција и секогаш со еден квалитетен тим на играчи.

На „Пољуд“ одигравме 1-1, па цела Битола со нетрпение го очекуваше реваншот. Стадионот под Тумбе Кафе беше преполн, иако се работеше за среда, работен ден. Но, за жал, сплиќаните поради лошото време не можеа да полетаат од Сплит, па дуелот беше презакажан за следниот ден. И тогаш трибините беа преполни. Имавме голема поддршка од гледачите и двапати бевме во водство, со 1-0, потоа и со 2-1, за на крајот Хајдук со 2-2 отиде во полуфиналето во кое го елиминира Спартак од Суботица. Не можевме да се помириме со судбината. Среќата ни го сврте грбот и не ги продолживме натпреварите во Купот, иако и она што го постигнавме дотогаш беше големо изненадување за целокупната југословенска фудбалска јавност. Беше очигледно дека добивме големи симпатии, и за Битола почна да се зборува, како за фудбалски град, а за Пелистер како за клуб со плејада квалитетни фудбалери – вели Ќириќ.
За натамошниот тек на кариерата на Саша Ќириќ, за заминувањето во странство, како и за настапите за репрезентацијата на Македонија, ќе читате следната недела.


САША ЌИРИЌ

Роден: во 1968 година во Куманово
Кариера: Вардар, Металург, Пелистер, ЦСКА, Арау, Нирнберг, Тенис Борусија, Ајнтрахт, Кикерс Офенбах, репрезентација на Македонија
Успеси: три шампионски титули и освоени два Купа во Македонија, две сезони прв стрелец во Македонската лига, најдобар стрелец со 35 гола во првиот шампионат на Македонија по осамостојувањето во сезоната 1992/93, две сезони подоцна станува рекордер во лигата со 36 гола, 26 настапи за репрезентацијата на Македонија, осум постигнати погодока