Експертите за аналитика и податоци од „Нилсен Грејснот“ му даваат 92 отсто шанси на актуелниот европски првак Челси да се пласира во осминафиналето, што е втор најдобар процент, зад оној на Реал Мадрид (93 отсто), пренесува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

– „НИЛСЕН ГРЕЈСНОТ“ ЗА ГРУПНАТА ФАЗА НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Со натпреварите од првото коло по групи почна новата возбудлива сезона во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во која Челси ќе ја брани титулата. Како најсериозни ривали за освојување на трофејот се сметаат вицешампионот, Манчестер сити, ПСЖ и Манчестер јунајтед со новите засилувања, Лионел Меси, кој првпат ќе игра за некој друг освен за Барселона, и Кристијано Роналдо, најефикасниот во ова натпреварување со 134 гола, кој по 12 години се врати на стадионот „Олд Трафорд“.
Во својата анализа, „Би-би-си“ се обидува да објасни дали Челси ќе одговори на предизвикот откако се засили со Ромелу Лукаку, стрелецот на 13 гола на 27 натпревари во ЛШ и на повеќе од 300 во клупската кариера, и со играчот од средниот ред, Саул Нигез, кој пристигна од Атлетико. Експертите за аналитика и податоци од „Нилсен Грејснот“ му даваат 92 отсто шанси на Челси, кој е во група со Јувентус, Зенит и со Малме, да се пласира во осминафиналето, што е втор најдобар процент зад оној на Реал Мадрид (93 отсто). Манчестер сити, кој е во група со ПСЖ, Лајпциг и со Бриж не заостанува многу, 89 отсто. Пеп Гвардиола се засили со Џек Грилиш, но го загуби Серхио Агуеро, кој на 78 натпревари во ЛШ постигна 41 гол. Манчестер јунајтед (78 отсто) го има веројатно најсилното оружје во ЛШ, Роналдо, кој е рекордер според постигнатите голови во ова натпреварување (134) и според асистенции (42) и има пет европски титули.

Преселбата на Меси од Барселона во француската престолнина беше трансфер-приказна летото и неговото пристигнување му дава надеж на ПСЖ да ја освои првата европска титула (73 отсто шанси да ја помине групната фаза). Меси, кој постигна 120 гола во ЛШ на 149 натпревари, не е единственото засилување за ПСЖ. Центархалфот Серхио Рамос има 129 настапи во ЛШ со Реал Мадрид и освои четири титули. Џорџинио Вајналдум беше европски првак со Ливерпул, голманот Џанлуиџи Донарума беше прогласен за најдобар играч на ЕП 2020, а Ашраф Хакими е еден од најдобрите бекови на светот. Маурицио Почетино, кој со Тотенхем беше вицешампион во 2019-та, на располагање ги има и Нејмар, Килијан Мбапе, Анхел ди Марија, Марко Верати и други.
Барселона го загуби Меси, но уште има доста талентирани играчи, како што е младиот играч плејмејкер Педри. „Грејснот“ им дава 85 отсто шанси да ја поминат групата Е во која се Баерн, Бенфика и Динамо Киев. Од Реал Мадрид заминаа Серхио Рамос и Рафаел Варан, а нови играчи се Давид Алаба од Баерн и играчот од средниот ред Едуардо Камавинга, од Рен. Тука се и искусните Лука Модриќ, Карим Бензема, Герет Бејл. Шпанскиот шампион Атлетико во теорија сезонава е посилен од лани (73 отсто), Антоан Гризман се врати од Барселона, а беа ангажирани и талентираните Родриго де Пол и Матеус Куња.

Шампионот од 2020-та, Баерн (91 отсто) од Лајпциг ги ангажира младиот тренер Јулијан Нагелсман, капитенот Марсел Сабицер и најдобриот дефанзивец Дајот Упамекано. Борусија Дортмунд (82 отсто) го загуби Џејдон Санчо, но го задржа Ерлинг Холанд… За италијанските клубови триумфот на ЕП 2020 може да биде поттик. Шампионот Интер го има Николо Барела, но заминаа Хакими и Лукаку, Јувентус (83 отсто) го доведе играчот за врска Мануел Локатели, кој беше импресивен на ЕП, но остана без Роналдо…