ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Според „Делоит“, ова е најниското колективно бруто-трошење на клубовите од Премиер-лигата од 2015 година, пишува „Би-би-си“. Некои од другите клучни наоди на „Делоит“ од летниот преоден рок се: клубовите од Премиер-лигата потрошиле повеќе од една милијарда фунти шесто лето по ред, ангажираа 148 играчи, споредено со 132 во 2020 година и 128 во летото во 2019 година…

Tрошоците на клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига во летниот преоден рок, кој заврши во вторникот, надминаа една милијарда фунти, но вкупните трошоци се намалија втора година по ред, пишува „Би-би-си“. Вкупно, клубовите од Премиер-лигата потрошија 1,1 милијарда фунти за трансфери во текот на летниот преоден рок, кој траеше од 9 јуни до 31 август. Таа сума е за 11 отсто помала од вкупниот износ од претходното лето од 1,3 милијарда фунти, а тоа беше пад од девет проценти во однос на 2019 година.

Според фирмата за финансиски услуги „Делоит“, ова е најниското колективно бруто-трошење на клубовите од Премиер-лигата од 2015 година и првпат има последователен пад по глобалната финансиска криза помеѓу 2008 и 2010 година, пишува „Би-би-си“.
Некои од другите клучни податоци на „Делоит“ од летниот преоден рок се: клубовите од Премиер-лигата потрошиле повеќе од една милијарда фунти веќе шесто лето по ред, клубовите од Премиер-лигата ангажираа 148 играчи, споредено со 132 во 2020 година и 128 во летото во 2019 година; само четири клубови од Премиер-лигата не ангажираа играч со бесплатен трансфер, а во летото 2020 година беа осум, германската Бундес-лига е единствената европска лига од т.н. „голема петорка“ што ги зголеми бруто-трошоците годинава…

– Ова беше извонреден преоден рок. Рекордите за трошење на некои клубови се соборени, трансферите на играчите, вклучувајќи ги и двајцата најголеми играчи од нивната генерација (Лионел Меси и Кристијано Роналдо), ги освоија насловните страници, а клубовите од Премиер-лигата веќе шесто лето по ред потрошија повеќе од една милијарда фунти. Можеби најзначајно е што сево ова е постигнато со помали трошоци отколку што видовме во претходните две лета – вели Ден Џонс, од спортската деловна група на „Делоит“, пренесе „Би-би-си“.
Манчестер сити го оствари најголемиот трансфер во летниот преоден рок, соборувајќи го британскиот трансфер-рекорд и потпиша со Џек Грилиш од Астон Вила за 100 милиони фунти. Европскиот шампион Челси повторно го ангажира напаѓачот Ромелу Лукаку, од Интер за 97,5 милиони фунти. Покрај Кристијано Роналдо, Манчестер јунајтед потроши 73 милиони фунти за да го ангажира Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд и 34 милиони фунти за да го доведе Рафаел Варан од Реал Мадрид. Арсенал со околу 140 милиони фунти ангажира нови фудбалери, меѓу другите Бен Вајт од Брајтон (50 милиони), Мартин Одегард од Реал Мадрид (30 милиони) и Арон Рамсдејл од Шефилд јунајтед (24 милиони фунти)…

Веројатно најинтересниот договор летово беше слободен трансфер, Лионел Меси замина од Барселона по 21 година и потпиша за Пари сен Жермен. Летниот преоден рок во 2021 година, исто така, најверојатно ќе биде запаметен и по трансферите што не се случија, па така Хари Кејн остана во Тотенхем, Килијан Мбапе во ПСЖ, Жил Кунде во Севилја, Ренато Санчес во Лил, Џеси Лингард во Манчестер јунајтед…, пишува „Би-би-си“.