На врвот на листата „ВАР-победници“ се Брајтон, Манчестер јунајтед и Саутемптон, а „ВАР-губитници“ се Вест Хем, Шефилд, Лестер, Манчестер сити, Челси итн.
ФУДБАЛ
По најдолгата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига, која траеше речиси една година, „Би-би-си“ со „помош“ на Опта, која ги бележи сите сталинистички податоци поврзани со натпреварите, направи пресек на првенството. Пред продолжувањето на 17 јуни прашањето беше какво влијание ќе има 100-дневниот прекин, дали ќе има повеќе голови, и тоа дадени подоцна, во финишот од натпреварите против уморните одбрани и дали ќе има повеќе триумфи на гостински тимови, како во Германија?
За системот видеопомошник-судија (ВАР) ова е прва цела сезона во Англија. „Би-би-си“, односно Опта, утврдиле кои тимови имале повеќе полза, а кои помалку од одлуките на ВАР. На врвот на листата „ВАР-победници“ што се однесува на корист од признаени и непризнаени голови, досудени и поништени пенали итн. е Брајтон со скор 8-2, потоа следуваат Манчестер јунајтед, Саутемптон (по 7-0), Тотенхем (6-1), Лестер, Ливерпул, Вест Хем (4-1) итн. „ВАР-губитници“ во слична статистичка категорија, признаен и поништен гол, досуден и недосуден пенал, се Вест Хем (4-4), Шефилд (5-1), Лестер (4-2), Манчестер сити (4-2), Челси, Вулверхемтон (4-1), Астон вила (3-2) итн.
Борнмут стана првиот тим што петта сезона едноподруго прима 60 и повеќе голови (65). Ливерпул и Манчестер сити биле повеќе од 350 дена меѓу првите четири на табелата. Челси го освои 4-то место, што е најдобар пласман на тим предводен од англиски менаџер, Франк Лампард, по тој на Нотингем форест во сезоната 1994/95 на чело со Франк Кларк. Саутемптон е на 11-то место иако има најлош ефект на гостински терен, по Норич. „Светците“, кои го претрпеа рекордниот пораз дома во историјата на Лигата, 0-9 од Лестер, на 19 меча на гости освоија 21 бод (Норич 15) со гол-разлика минус 14. Ливерпул е најуспешен на гостувањата со 44 бода и со гол-разлика плус 16.
Кристал Палас го има најстариот менаџер во историјата на Премиер-лигата – 72-годишниот Рој Хоџсон, но го има и тимот со најголема просечна возраст во сезоната 2019/2020. Просечната возраст на фудбалерите што ги почнуваа натпреварите за Палас изнесуваше 29 години и 336 дена. Најмлад состав сезонава имал Манчестер јунајтед (во просек 25 години), па Борнмут (25,2), Челси (25,5), Евертон, Астон вила, Арсенал (по 25,7) итн.
Според податоците што ги објави „Би-би-си“, ефикасноста пред паузата и по продолжувањето на сезоната е иста, 2,72 гола по меч, по 100-дневната пауза помалку се шутирало, повеќе се додавало, процентот на гостински победи е ист, а во продолжението на сезоната помалку голови биле постигнати во вторите полувремиња итн.