Се очекува натпреварот Барселона – Реал да го гледаат над 650 милиони гледачи низ светот, што го прави еден од најгледаните фудбалски настани, на исто рамниште како и финалето во Лигата на шампионите
Во шпанската Ла лига утре се игра првото „Ел класико“ сезонава, прво во ерата на ковид-19, во кое Барселона го пречекува Реал на „Ноу камп“ (16 часот) пред празни трибини.
„Ел класико“, дуелот што влегува во 90-та година, се смета за едно од најголемите ривалства во светскиот клупски фудбал, воопшто во светот на спортот. Тој натпревар се очекува да го гледаат над 650 милиони гледачи низ светот, што го прави еден од најгледаните фудбалски настани, на исто рамниште како и финалето во Лигата на шампионите.
Двата тима меѓу себе имаат одиграно 244 натпревари во сите конкуренции, а двете екипа имаат по идентични 96 победи, со 52 ремија.
За првпат меѓу себе како тренери ќе се судрат Роналд Куман, кој летово го замени Кике Сетин на клупата на Каталонците, и Зинедин Зидан.
Барселона во минатото првенствено коло загуби на гости од Хетафе (0-1), но се поправи во првата рунда во Лигата на шампиони (ЛШ), декласирајќи го Ференцварош (5-1). Реал, пак, неочекувано врза два пораза дома, во Ла лига од Кадиз (0-1) и во ЛШ од Шахтар (2-3), на стадионот „Алфредо ди Стефано“, кој го користи поради реконструкцијата на „Сантијаго Бернабе“.
Серхио Рамос, капитенот и центархалф на Реал, е рекордер според бројот на настапи во „Ел класико“, 43, а Лионел Меси има еден помалку, 42. Меси, пак, е рекордер според постигнатите голови, 26 (плус 14 асистенции). Зад него се двајца поранешни играчи на Реал, Кристијано Роналдо и Ди Стефано, со по 18 гола.