Во финалето на ЕП 1996 Германија ја совлада Чешка со 2-1, со головите на резервниот фудбалер Оливер Бирхоф, од кои вториот беше т.н. златен гол, прв во историјата на големите натпреварувања
ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (10)
Во Англија, земјата што му го подари фудбалот на светот, на завршниот турнир познат и под слоганот „Кога фудбалот се врати дома“ во летото 1996 година, на 10-то Европско првенство (ЕП) првпат имаше 16 земји, двојно повеќе од претходните четири. Тоа проширено ЕП не можеше да посака подобра локација. Таму беа реновираните стадиони во Лондон, Манчестер, Ливерпул, Бирмингем, Нотингем, Шефилд, Лидс и во Њукасл, како и големото интересирање на јавноста и надежите дека „гордиот Албион“ по 30 години од освојувањето на светската титула ќе се закити и со првата европска круна.
Германците во финалето, петто континентално за нив, второ едноподруго, за противник ја имаа Чешка, најпријатното изненадување на шампионатот, предводени од Карел Поборски, Павел Недвед, Патрик Бергер.Тоа беше реприза на финалето од 1976 година кога тогашната Чехословачка со пеналот на Антонин Паненка ја совлада Западна Германија во Белград.Претходно во двете полуфиналиња победниците беа решени по изведувањето пенали. Англија во репризата на полуфиналето од Светското првенство (СП) во 1990 во Италија, повторно загуби од Германија (1-1, 5-6), а решавачкиот пенал го промаши Гарет Саутгејт, сегашниот селектор на Англија. Чешка беше поуспешна од Франција (0-0, 6-5).
Во финалето на стариот стадион „Вембли“ пред 76.000 гледачи, Германија триумфира на натпреварот со Чешка со 2-1. Патрик Бергер ги доведе во водство Чесите во 59-та минута со голот од пенал, резервниот фудбалер на Германија, Оливер Бирхоф израмни во 73-та минута, а потоа во петтата минута од продолженијата го постигна т.н. златен гол, прв на едно големо натпреварување.
Тогаш важеше правилото воведено во 1993 година, според кое победуваат тимот или репрезентацијата што први ќе постигнат гол во продолженијата, кога по 90 минути игра било нерешено. Со тој втор гол Бирхоф им ја донесе третата европска титула на Германците и стана првиот резервен фудбалер што постигнал гол во финале на ЕП (без пенал-сериите). За најдобар играч на ЕП 1996 беше избран неговиот соиграч, плејмејкерот Матијас Замер.
На шампионатот на 31 натпревар беа постигнати 64 гола или во просек по 2,06. Натпреварите ги гледаа 1,27 милион гледачи или во просек 41.158 по натпревар, рекорд што беше надминат дури на ЕП во 2012 година во Полска и во Украина. Најефикасен со пет гола беше англискиот репрезентативец Алан Ширер.
Во најдобриот тим на шампионатот имаше 18 фудбалери од дури седум земји. За ова ЕП британската кралска банка издаде комеморативна монета од две фунти на која во центарот беше напишано „1996“ со 16 мали прстени, кои ги претставуваа 16-те селекции.