Ако минатото лето меѓу големите лиги проциркулираа 3,5 милијарди евра, мислам дека годинава таа бројка ќе се движи до 800 милиони евра, вели претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас
ФУДБАЛ – ПРЕОДЕН РОК ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА
Пандемијата на коронавирусот го смени фудбалот на терените и надвор од нив, а спортските директори на клубовите во Шпанија веќе ги забележуваат промените што се однесуваат на трансфер-зделките. Пандемијата предизвика екипите да го променат начинот на преговарање, при што цените, договорите… ќе бидат многу различни од порано, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.
Спортскиот директор на Еибар, Фран Гарагарза, предвидува финансиската криза да му нанесе удар и на трансфер-пазарот.
– Светот на фудбалот ќе се промени во блиска иднина. Тоа ќе се случи заедно со финансиската состојба во Шпанија, во Европа и во целиот свет. Ќе има рестрикции, помалку инвестиции и, според тоа, помалку трансфери, помалку за 50 отсто од претходните години – вели Гарагарза.
Во интервјуто за РАЦ-1, претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас, тврдеше дека елитните клубови нема да трошат како порано.
– Ако минатото лето меѓу големите лиги проциркулираа 3,5 милијарди евра, мислам дека годинава таа бројка ќе се движи до 800 милиони евра – изјави Тебас.
Клубовите ќе немаат буџети како пред почетокот на избувнувањето на ковид-19, со тоа и бројот на трансфери значително ќе се намали, пишува „Марка“. Одредувањето на вредноста на играчот ќе биде еден од најголемите предизвици за клубовите.
– Она што се случува сега е дека не ја знаеме точната вредност на играчите на пазарот. Може да имате некоја идеја, но не ја знаете точно цената. Во моментов сите сме по малку изгубени – вели за „Марка“ Чема Индиас, спортски дирелтор на Леганес.
Размената на играчи се смета за едно решение додека клубовите не закрепнат од тековната криза.
– Може да се бараат формули како што е размената на играчи, при што има многу нијанси што потоа ќе се проверуваат – вели Гарагарза.
Друга новина може да биде потпишувањето договори без крајни датуми.
– Досега договорите завршуваа на 30 јуни. Тоа треба да се промени и договорите да важат до крајот на сезоните – вели Индиас.