Убедени сме дека фудбалот ќе може да продолжи одново во наредните месеци, под услови што ќе ги диктираат јавните власти. Од огромна важност е и една ваква несакана работа, како што е епидемијата на коронавирусот, да не ги спречи натпреварувањата да бидат одлучени на теренот. Како одговорни лидери во нашиот спорт, тоа е она што мора да го обезбедиме, додека постои и најмала можност, пишува во заедничкото писмо до лигите, клубовите и до националните здруженија, на Чеферин, Ањели и на Олсон
ФУДБАЛ – ЗАЕДНИЧКО ПИСМО НА УЕФА И НА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА КЛУБОВИ И ЛИГИ
Од Европската фудбалска унија (УЕФА) истакнуваат дека е потребна трпеливост во моментите кога фудбалот се обидува да испланира како повторно да се врати во нормала. Белгиската лига стана првата поголема фудбалска лига во Европа, која прерано ја заврши сезоната 2019/2020. Потврдено е дека сите натпревари до моментот на прекин на шампионатот се валидни и оти сегашниот пласман се смета за конечен сезонава. Тоа значи дека лидерот, клубот Бриж, ќе биде новиот шампион на Белгија.
Другите лиги низ Европа и понатаму се суспендирани, најрано до крајот на април, и постојат најразлични опции, па и шпекулации околу тоа дали и како ќе се доигруваат. Има и радикални предлози сезоните да бидат поништени и да почне да се размислува за следната сезона.
– Убедени сме дека фудбалот ќе може да продолжи одново во наредните месеци, под услови што ќе ги диктираат јавните власти и веруваме дека секоја одлука за откажување на домашните натпреварувања во оваа фаза е прерана и неоправдана.
Потребно е заеднички да се работи на календарите, бидејќи завршувањето на тековната сезона мора да се координира со почетокот на новата. Работната група за календари што е можно поскоро, идеално до средината на мај, ќе утврди што треба да се направи за завршување на сезоната без некој да биде оштетен. Од огромна важност е и една ваква несакана работа, како што е епидемија на коронавирусот, да не ги спречи натпреварувањата да бидат одлучени на теренот, во согласност со правилата и сите титули и признанија да се доделуваат врз основа на резултатите.
Како одговорни лидери во нашиот спорт, тоа е она што мора да го обезбедиме, додека постои и најмала можност – пишува во заедничкото писмо до лигите, клубовите и до националните здруженија, на претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, претседателот на Европската асоцијација на клубови (ЕКА), Андреа Ањели, и претседателот на Европските лиги (ЕЛ), Ларс-Кристер Олсон, објави агенцијата АП.