Барези не беше најголемиот, најсилниот или најбрзиот одбранбен играч, но ги поседуваше најдобрите квалитети. Со можен исклучок на Бекенбауер, тешко е да се замисли централен дефанзивец што може да му се доближи на Барези во однос на интелигенцијата, елеганцијата, позиционирањето
ИНТЕРВЈУ: ФРАНКО БАРЕЗИ
Легендата на Милан и на Италија е еден од најдобрите одбранбени фудбалери на сите времиња. Франко Барези на 8 мај наполни 60 години, а по тој повод ФИФА направи интервју со него. Барези не беше најголемиот, најсилниот или најбрзиот одбранбен играч, но ги поседуваше најдобрите квалитети. Со можен исклучок на Франц Бекенбауер, тешко е да се замисли централен дефанзивец што може да му се доближи на Барези во однос на интелигенцијата, елеганцијата, позиционирањето, антиципацијата. Во земјата на „катанаџото“, Барези беше либеро што ја револуционизира таа позиција, капитен што беше пример и водач за почит. Од 1977 до 1997 година тој остана верен на еден клуб – Милан. Во интернационалната кариера од 1980 до 1994 година одигра 81 меч за „аѕурите“ и настапи на три светски првенства, во 1982, 1990 и во 1994 година.
Во Шпанија во 1982 година станавте светски шампион без ниту една минута на теренот. На СП 1990 на домашен терен, Италија стигна до полуфиналето.
– На СП 1982 имав 22 години и, иако воопшто не играв, тоа беше важен момент во мојата кариера. Тоа беше големо искуство за мене, минував време со вистински шампиони, легенди како Ширеа, Џнтиле, Кабрини, Тардели, Конти, Антоњони, Роси и Грацијани. Тоа беше неверојатен тим, како на теренот, така и во однос на карактерот на играчите. Се обидував да придонесам на еден или на друг начин, на тренинзите, но најважно беше да гледам и да учам. Да разберам како тимот се подготвува за големи натпревари и како останува смирен беше многу битно во првите неколку години од мојата кариера. СП 1990 беше сосема друга приказна. Бев веќе искусен играч, капитен на Милан неколку години. Понекогаш сѐ се сведува на малку добра или лоша среќа (Италија загуби на пенали од Аргентина во полуфиналето), слично беше и на СП 1994 (финале со Бразил). Во 2006-та среќата беше на наша страна, но така е во спортот.
На СП 1994 се повредивте на вториот натпревар, против Норвешка.
– Тоа беше огромен удар за мене. Бев капитен и знаев дека тоа е моето последно СП. Атмосферата во тимот беше неверојатна. Имаше многу мои соиграчи од Милан, со Ариго Саки како селектор, кој имаше многу успеси со клубот претходните години. Ја раскажувам оваа приказна со години, но, сепак, изгледа неверојатно.
Размислував што натаму со кариерата и потоа почнува закрепнувањето. Никогаш не помислив дека ќе можам да играм во финалето. Бев под третман, мислев дека ќе одам на одмор и како да се биде подготвен за следната сезона. Можете да замислите колку бев изненаден кога сфатив дека можам да играм во финалето на СП. Тоа беше многу, многу напнат ден, не зборувам само за натпреварот.
Искуствата од трите СП беа многу различни. Како би ги сумирале сите?
– Сметам дека сум многу среќен што играв на три СП и што бев на победничкиот подиум на секое од нив. Не е лесно, нели? Завршувањето на прво, второ и на трето место воопшто не е лошо. Не смеам да се жалам.
Дефанзивците сѐ повеќе се ценат
Играта многу се промени во претходните 15-20 години, не само на теренот туку и во начинот како се гледа, по пристапот до информациите, улогата на социјалните медиуми… Мислам дека е сменет и начинот на кој се третираат и одбранбените играчи. Вистинските љубители на фудбалот знаат колку тие се важни и сѐ повеќе ги ценат. Ако морам да спомнувам имиња, тогаш би го истакнал Вирџил ван Дајк, кој има квалитет, карактер и сила што му е потребна на дефанзивец за да биде лидер на тим како Ливерпул, вели Франко Барези.
Избор на најдобрите
Играв со и против многу одлични играчи. Со оглед на сѐ што научив за фудбалот, ќе одберам по двајца играчи од секоја генерација што навистина оставија белег во историјата на фудбалот. Пеле и Еузебио, на кои се сеќавам гледајќи ги на ТВ кога бев млад. Јохан Кројф и Франц Бекенбауер, потоа Диего Марадона и Мишел Платини, Роналдо и Марко ван Бастен и, конечно, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, рече Франко Барези.