Досега 17 фудбалери настапиле на четири ЕП, вклучувајќи го Роналдо, кој е и единствен што постигнувал голови на четири првенства. Тој може со нови настапи и погодоци да постави нови или да подобри актуелни рекорди на континенталните шампионати

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Португалецот Кристијано Роналдо во богатата и успешна кариера испиша нови страници во историските фудбалски книги на Европа. Пред петтиот настап на европските првенства (ЕП), што ќе биде рекорд, тој би можел да постави уште неколку нови рекорди, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Во продолжение се рекордите од ЕП што тој може да ги собори и оние што може да ги подобри, но има и такви што ќе мора да почекаат уште неколку години.
Досега 17 фудбалери настапиле на четири ЕП, почнувајќи од Германецот Лотар Матеус и од Данецот Петер Шмајхел, кои тоа го направија во 2000 година. Роналдо, кој по претстојното ЕП ќе биде единствениот што настапил на пет завршни турнири, дебитира на ЕП 2004, на меч со Грција, на 12 јуни, со погодок, прв за Португалија, и оттогаш постигна уште осум (со девет гола е на делба на првото место на листата на стрелци на сите континентални првенства) на 21 натпревар на ЕП (уште еден рекорд), три меча повеќе од Германецот Бастијан Швајнштајгер. Ако, пак, постигне уште еден гол на ЕП 2020, Роналдо ќе го помине Французинот Мишел Платини, кој, исто така, има девет гола, сите постигнати на ЕП 1984.

Само седуммина постигнале хет-трик (три гола на еден меч) на ЕП (само Платини двапати), а, можеби изненадувачки, Роналдо не е меѓу нив. Напаѓачот на Јувентус има девет хет-трика во дресот на Португалија, а во два наврата постигна по четири гола. Вклучувајќи ги и квалификациите, Роналдо 40 пати ја затресе противничката мрежа (рекорд) и е единствен што бил стрелец на четири првенства (два на ЕП 2004, еден во 2008-та, по три во 2012 и 2016 година, а седум играчи постигнувале погодоци на три ЕП).
На Роналдо му се потребни и уште три меча за да го надмине италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон, кој има 58 настапи на ЕП и во квалификациите. Највозрасниот стрелец во финале на ЕП е Германецот Бернд Хелценбајн (30 години и 103 дена) на мечот Западна Германија – Чехословачка во 1976 година. Роналдо ќе има 36 години и 156 дена на 11 јули, на денот на финалето. Доколку Португалија триумфира на „Вембли“ и Роналдо биде капитен, ќе му се приклучи на Шпанецот Икер Касилјас, кој е единствениот што бил капитен на две победнички ЕП, во 2008 и 2012 година.