Љубителите на фудбалот во Англија, овој пат навивачите на Шефилд јунајтед, повторно, којзнае по кој пат сезонава, се лути на судиите и на системот видеопомошник-судија (ВАР). На мечот Тотенхем – Шефилд јунајтед (1-1) судиите за ВАР им поништија гол на гостите поради наводен офсајд на Џон Лундстром. По овој нов кикс, повторно се разгоре дебатата за тоа дали ВАР му помага на фудбалот, со тоа што сѐ погласни се тврдењата дека технологијата на начинот на кој се применува ѝ штети на фудбалската игра и оти треба да се преземат итни мерки.
– ВАР повторно се покажа во најлошата можна варијанта, поништи гол за наводен офсајд што го видоа само тие. Што прават тие луѓе со фудбалот – објави на својот твитер-профил Гари Линекер, поранешен англиски репрезентативец, сега стручен коментатор.
Поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Џејм Карагер, е меѓу оние што се критички настроени кон ВАР, велејќи дека, ако ништо друго, непотребно многу време се губи при прегледот на снимките и при донесувањето на одлуките, што создава непотребна нервоза.
На социјалните мрежи сѐ повеќе се зголемува бројот на љубителите на фудбалот што го губат трпението кон новата технологија и отворено повикуваат на негово укинување и враќање на старо, на традиционалното делење на фудбалската правда.