Тие создадоа поинаков декор на почетокот од новата сезона, ги имаше добро познатите слики надвор од стадионите и на нив, со клупски транспаренти и навивачки песни
Во англиската Премиер-лига по 19 месеци празни седишта и морничаво тивки стадиони, навивачите и мешаниците создадоа поинаков декор на почетокот од новата сезона. Мерките за физичко дистанцирање на спортските објекти беа укинати по ублажувањето на ограничувањата на ковид-19 во Англија на 19 јули, што услови повторно да се видат помалку подзаборавените добро познати слики надвор од стадионите и на нив, со клупски транспаренти и навивачки песни.
Во првиот меч во новата сезона новакот во Премиер-лигата, Брентфорд, го совлада Арсенал со 2-0, во западен Лондон во прекрасна атмосфера. Говорејќи по победата на неговиот тим над Лидс на „Олд Трафорд“ (5-1), менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, рече дека враќањето на навивачите „создава и го диктира расположението“.
– Повторно ги чувствувате пеперутките. Имаме дополнителна одговорност затоа што помина толку долго време без навивачи. Љубовта и поддршката од навивачите се многу важни. Ова е вистинскиот Манчестер јунајтед, вака му го „продадов“ на Единсон Кавани, на пример, дека не може да си замине по една сезона и тоа без навивачи – изјави Солскјер.
Доминик Калверт-Левин, беше стрелец на третиот гол за Евертон против Саутемптон (3-1). „Прекрасно е чувството да се постигне гол кога има навивачи на стадионот. Се чувствував повторно како дете, беше посебно. Постигнав неколку гола минатата сезона, но без навивачи не е исто“.
Што се однесува до случувањата на терените, трите големи фаворити за освојување на титулата, Челси, Манчестер јунајтед и Ливерпул, забележаа убедливи победи. Европскиот првак Челси на речиси полниот „Стамфорд бриџ“ славеше против Кристал палас (3-0) предводен од новиот менаџер, поранешниот играч на Арсенал, Патрик Виеира. Кај Челси ги немаше Каи Хаверц, Н’Голо Канте, Ромелу Лукаку, Бен Чилвел, Хаким Зијеч, Тијаго Силва, но тоа не беше никаков проблем да се прокнижи 12-та победа (плус три ремија и еден пораз) на последните 16 први натпревари во сезоната на „Стамфорд бриџ“.
Бруно Фернандез постигна хет-трик во победата на Манчестер јунајтед против Лидс, 5-1, прв за него по доаѓањето во јануари 2020-та. За Португалецот ова беше само четврти дуел во Премиер-лигата пред публика на „Олд Трафорд“.