Лионел Меси е најзаслужен за убедливата победа на Барселона над Ливерпул од 3-0, со два постигнати гола во вечерашниот меч од полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во кој гостите од Англија пропуштија неколку изгледни прилики.
Меси беше стрелец на вториот и третиот гол за Каталонците во 75-та минута и во 82-та минута, откако претходно Луис Суарез го отвори резултатот во 26-та минута. Особено атрактивен беше последниот гол, при кој Меси погоди од слободен удар, што беше и негов јубилеен 600-ти погодок во дресот на Барселона.
Аргентинецот покажа дека му годат настапите против англиските премиерлигаши чии голмани ги совлада 26 пати во 33 настапи во ЛШ. Ниту еден друг фудбалер нема повеќе голови против екипи од одредена држава во престижното натпреварување. Ист учинок има Кристијано Роналдо против клубовите од Германија.
Напаѓачот на Барселона сезонава погоди против три различни англиски екипи – Тотенхем, Манчестер јунајтед и Ливерпул.
Бројни љубители на фудбалот, на шега, често се прашуваат дали Меси би бил исто толку успешен кога, на пример, би играл на студеното и дождливо време во Стоук. Се чини дека извонредниот Аргентинец одговори на тоа прашање со неговите импресивни партии против најдобрите екипи од Островото.
Во првиот полуфинален дуел од ЛШ, Ајакс вчера славеше против Тотенхем со 1-0 на гости. Реваншите се играат следната недела.