Фудбалерите на Манчестер сити со пресврт стигнаа до победа над Пари Сен Жермен од 2-1 на гости, со која се доближија до посакуваното финале на Лигата на шампионите (ЛШ). Кевин де Брујне и Ријад Марез од слободен удар погодија во 64-та, односно во 71-та минута за англискиот клуб, откако Маркињос по корнер го отвори резултатот во 15-та минута. ПСЖ остана со фудбалер помалку во 77-та минута по црвениот картон на Идриса Геј поради груб старт врз Илкај Гундоган.
ПСЖ беше подобар во првото полувреме и навидум имаше контрола врз мечот, но гостите го засилија пресингот во вториот дел, на што „светците“ немаа одговор и се чини дека останаа без здив.
– Немаше суперѕвезди во екипата на Манчестер сити. Тие работеа напорно како тим и работеа заедно. Да, тие имаат страшни фудбалери и одлични се за гледање, но првенствено се тим. Кога ќе го погледнете ПСЖ, тие исто така имаат врвни фудбалери и две суперѕвезди на модерниот фудбал, но мислам дека Мбапе и Нејмар го изневерија тимот вечерва – кажа поранешниот англиски репрезентативец Крис Водл по мечот.
Ѕвездата на француската екипа, Килијан Мбапе, го заврши мечот без удар во рамките на голот на противникот, што првпат му се случува во ЛШ, додека неговиот соиграч од нападот Нејмар, е без постигнат погодок на последните шест одиграни средби во нокаут-фазата на натпреварувањето.
Традицијата сугерира дека „граѓаните“ се блиску до мечот за трофејот во ЛШ, бидејќи англиските екипи секогаш поминувале понатаму во 47-те пресметки од нокаут-фазата во кои славеле во првиот меч на гости. Згора, ПСЖ ќе треба да постигне најмалку два гола во реваншот, а Сити прими вкупно четири погодоци во досегашниот тек од натпреварувањето.
Во првиот полуфинален дуел одигран синоќа Реал Мадрид и Челси ремизираа 1-1. Реваншите се играат следната недела.