ФУДБАЛ

Македонија, иако елиминирана уште во групната фаза, не разочара со играта, со залагањето и малку недостигаше да забележи подобри резултати. Фудбалска Македонија долго ќе го памети премиерниот настап

Македонија го заврши деби-настапот на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 по трите порази во групата Ц, од Австрија (1-3), Украина (1-2) и од Холандија (0-3). Од Македонија не се очекуваше некаков поголем успех на ова ЕП и се сметаше за аутсајдер во групата Ц. Македонија не го оствари она што Игор Ангеловски, селекторот во заминување, како и фудбалерите, го најавуваа и го посакуваа, пласман во осминафиналето. Таквите очекувањата не се остварија, но Македонија, иако елиминирана уште во групната фаза, не се посрамоти и не разочара со играта, со залагањето и беше рамноправна со Австрија и со Украина, (освен во првите 45 минути), и малку недостигаше да забележи подобри резултати. Со Холандија не се можеше повеќе, разликата беше евидентна. Фудбалска Македонија долго ќе го памети премиерниот настап, повеќе по добро отколку по лошо. Добрите работи ќе треба да се надградуваат, поразите не смеат да се заборават и од нив да се извлечат поуки.

Меѓу позитивните работи, освен многу спомнуваниот, прв историски настап на ЕП, на кој Македонија чекаше речиси 30 години, е првиот гол од капитенот Горан Пандев на мечот со Австрија. Потоа дојде и вториот, на Езгјан Алиоски, против Украина. Во добро сеќавање од ова ЕП ќе остане добрата и пожртвувана игра на Македонија, која не беше инфериорна на трите меча како што би можело да се заклучи од исходите. Македонските играчи погодуваа стативи и пречки, им беа поништувани голови поради маргинални офсајди, создаваа и шанси што, за жал, не ги реализираа. Ангеловски тактички умешно ги водеше своите фудбалери, освен во првото полувреме од мечот со Украина, кои потврдија дека резултатите во претходните две-три сезони и пласманот на ЕП не е случаен, напротив оти е сосема заслужен.

– Ова е мојата последна прес-конференција како селектор, бидејќи договорот ми истекува на 31 јули. Ми беше чест да бидам на чело на оваа репрезентација на Европското првенство. Сакавме да направиме нешто подобро, но никој не смее да биде разочаран бидејќи ова беше наше деби на големата сцена и сѐ што можам да сторам е да им се заблагодарам на играчите за нивните напори. Овој тим влезе во историјата со пласманот на ЕП 2020 и сите мора да му се заблагодариме на Горан Пандев за сѐ што направи за фудбалот во Македонија. Ми беше чест и привилегија да работам пет и пол години со човек и играч што беше пример за сите и постави високи стандарди за идните генерации – изјави Ангеловски, кој ја предводеше Македонија на 53 меча, на кои забележа 23 победи, 11 ремија и 19 порази, со вкупна гол-разлика 83-65.

Пандев на ЕП, круна на неговата блескава кариера, беше пример за сите и стана вториот највозрасен стрелец во 60-годишната историја на ЕП. И преостанатите фудбалери во репрезентацијата дадоа максимум во моментов, се покажаа во добро издание на големата европска сцена. Стручните анализи за настапот и за ефектот на Македонија на ова ЕП допрва претстојат, но треба да се размислува и за блиската иднина. Пандев заминува од репрезентацијата, уште неколкумина најавија дека ќе го следат, што значи дека идниот селектор ќе треба да создава нов тим, иако можеби не драстично променет, за продолжението на квалификациите за СП 2022 и за ЕП 2024.