Фото: Игор Бансколиев

Македонија по осум кола е трета во групата, со 12 бода, води Германија, со 21 бод, а втора е Романија, со 13 бода. Македонија во ноември игра на гости со Ерменија и дома со Исланд. Има повеќе комбинаторики околу разврската за второто место, кое носи играње во баражот, но најважно е Македонија да победи на двата меча и да чека на резултатите на Романија, која прво игра дома со Исланд, а потоа му гостува на Лихтенштајн. Ако две или повеќе репрезентации имаат ист број бодови, прво што решава за пласманот на табелата е вкупната гол-разлика во групата

ФУДБАЛ – УШТЕ ДВЕ КОЛА ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2022

Убедлив пораз на репрезентацијата на Македонија од Германија, со 0-4 (стрелци Каи Хаверц во 50. минута, Тимо Вернер во 70-та и 73-та и Џамал Мусиала во 83. минута), во Скопје, по кој се намалуваат шансите за освојување на второто место во групата Ј, кое води во баражот за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар. Германците беа многу подобри (посед на топка 70-30 отсто, удари на гол 9-1, успешни додавања 691-211), особено беа импресивни во вториот дел, кога ги постигнаа четирите гола и со оваа победа, седма на осумте меча (единствениот пораз им е од Македонија во март годинава, со 1-2), како првопласирани во групата, први обезбедија пласман на СП 2022.
Македонија моментно е трета во групата, со 12 бода (исто толку има и Ерменија, но со послаба гол-разлика), зад Германија (21 бод) и зад Романија (13 бода). Македонија до крајот на квалификациската кампања во ноември ја чека гостување кај Ерменија (на 11-ти), која, исто така, има свои сметки, како и мечот со Исланд дома (на 14-ти), во последното коло од групната фаза.
Има повеќе математики и комбинаторики околу можната разврска за второто место, но најважно е Македонија да ја победи Ерменија на гости, потоа и Исланд дома и да чека на резултатите на Романија, која прво игра дома со Исланд, а во последното коло му гостува на Лихтенштајн. Со две победи во следните два меча, Македонија ќе биде најмалку трета во групата, а со тие шест бода и во случај Романија да не победи на еден од двата следни меча, Македонија ќе биде втора. Ако две или повеќе репрезентации имаат ист број бодови, прво што решава за пласманот на табелата е вкупната гол-разлика во групата, потоа поголемиот број постигнати голови, меѓусебниот скор на израмнетите селекции…

– Не се откажуваме од борбата за второто место, тоа постојано го потенцирам, и ќе се обидеме да ја искористиме секоја можност што ќе ни се даде. Во фаза сме на освежување на репрезентацијата, создаваме тим за квалификациите за Европското првенство во 2024-та, но тоа не значи дека квалификациите за СП 2022 за Македонија се завршени. Честитки за Германија, заслужено победи. Задоволен сум од нашата игра во првото полувреме, од транзицијата што ја имавме. Во вториот дел четирите гола беа по наши индивидуални грешки, паднавме и на физички план. Репрезентација како Германија знае да го казни тоа, ја користи и најмалата грешка на противникот – изјави селекторот на Македонија, Благоја Милевски.
Младиот Мусиала, на возраст од 18 години и 227 дена, стана најмладиот што постигнува гол за Германија, по Мариус Хилер, на 17 години, против Швајцарија во 1910 година. Германците, четирикратните светски шампиони, по 20-ти пат ќе играат на СП.

Поуспешен во оваа категорија е само петкратниот светски првак Бразил (21 настап). Германија загуби само еден од претходните 41 натпревар во квалификациите за СП (од Македонија), само четири во историјата. За германскиот селектор Ханси Флик ова беше петта победа на исто толку натпревари од преземањето на функцијата летово.
– Од резултатски аспект, ова беше совршен натпревар за нас. Го остваривме она што го сакавме, се квалификувавме на СП што е можно побрзо. Комплименти за тимот, пристапот кон мечот беше исправен. Во првото полувреме ни недостигаше прецизност. Во вториот дел продолживме во ист стил, бевме посмирени, попрецизни и можеме да бидеме задоволни – изјави Флик.


ГРУПА Ј

Македонија – Германија 0-4
Романија – Ерменија 1-0
Исланд – Лихтенштајн 4-0
ТАБЕЛА
Германија 8 7 0 1 23-3 21
Романија 8 4 1 3 11-8 13
Македонија 8 3 3 2 15-10 12
Ерменија 8 3 3 2 8-11 12
Исланд 8 2 2 4 11-15 8
Лихтенштајн 8 0 1 7 2-23 1

Следни мечеви
Ерменија – Македонија 11.11
Романија – Исланд 11.11
Германија – Лихтенштајн 11.11
Македонија – Исланд 14.11
Ерменија – Германија 14.11
Лихтенштајн – Романија 14.11