Во возбудлив натпревар на „Енфилд“, Ливерпул ја совлада Барселона со 4-0 и ја анулира негaтивата од 0-3 од првиот меч, по што втора година едноподруго ќе игра во финалето, на 1 јуни во Мадрид

Ливерпул втора година едноподруго ќе игра во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ), деветти пат во клупската историја. Повеќе настапи во финалињата на КЕШ/ЛШ имаат само Реал (16), Милан (11) и Баерн (10).
Во полуфиналниот реванш-натпревар, Ливерпул во возбудливи 90 минути на стадионот „Енфилд“, пред повеќе од 54.000 гледачи, ја совлада Барселона со 4-0 и ја анулира негативата од првиот меч (0-3). Претходно само Барселона, во сезоната 1985/1986, успеа поразот во првиот полуфинален меч против Гетеборг (0-3) во реваншот да го претвори во триумф (3-0, 5-4 на пенали).

Во отсуство на повредените Мохамед Салах и Роберто Фирмино блеснаа стрелците на головите, Дивок Ориги (првпат дава два гола на европски меч) и Вирџинио Вајналдум (вторпат), за вистински навивачки делириум по мечот на трибините на фамозниот „Енфилд“, кој бил сведок на слични вакви дуели, но ова сепак беше нешто посебно. Навивачите заедно со фудбалерите ја пееја клупската химна и се радуваа на уште еден неверојатен камбек, сличен на оној од финалето во 2005-та во Истанбул и мечот против Милан, кога по првите 45 минути губеа со 0-3. Во вториот дел Ливерпул се врати од „мртвите“, успеа да израмни на 3-3 и потоа со подоброто изведување пенали ја освои петтата титула европски првак.

Во финалето на 1 јуни на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, Ливерпул ќе игра против победникот од двомечот Ајакс-Тотенхем, што значи дека првпат по 2013-та во финалето ќе нема тим од Шпанија (во последните пет сезони имаше седум финалисти), односно ќе ги нема Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп, по мечот рече дека бил преполн со емоции и останал без зборови. Повеќето фудбалери, како капитенот Џордан Хендерсон, па и Џемс Милнер, не можеа да ги скријат солзите радосници.

– Неверојатно, ова никогаш нема да го заборавам, просто не ми се верува, не знам како успеавме да победиме, да дадеме четири гола, а да не примиме ниту еден. Пред мечот, на момците им реков оти не верувам дека е можно вакво нешто, но бидејќи вие сте во прашање, тогаш имаме шанси. Тие ментално се џинови. Овој клуб е микс од атмосфера, емоција, желба и фудбалски квалитет. Едно да снема, ништо нема да функционира – изјави Клоп. 


Барса доживеа нов нокаут

На Барса ѝ се повтори Рома од лани, од четврт-финалето, кога по убедливите 4-1 во првиот меч на „Ноу камп“ во реваншот во Рим доживеа вистински дебакл и загуби со 0-3. Меси, кој блескаше на првиот меч (даде два гола), го немаше никаде во реваншот. Истото тоа важи и за двајцата поранешни играчи на Ливерпул, Филипе Кутињо (беше заменет во 60 минута) и Луис Суарез, кој по мечот изјави дека тој и неговите соиграчи изгледале како „мали деца“.
– Разочарани сме, многу боли овој пораз. Мораме да ги издржиме сите критики што ќе следуваат, а мораме да бидеме и самокритични оти втора година едноподруго ни се случува истата грешка. Четвртиот гол го примивме многу наивно, како да сме школски тим – изјави Суарез, кој беше исвиркуван од публиката во текот на целиот меч.


Најголемите пресврти во ЛШ

Реванш-мечот Ливерпул – Барселона долго ќе се памети и ќе се прераскажува, но во историјата на ЛШ има уште неколку „класици“, односно натпревари со неверојатни пресврти. Од сезонава во оваа категорија би можел да се смести и осминафиналниот дуел, Манчестер Ј.-ПСЖ. Во првиот меч на „Олд Трафорд“, ПСЖ славеше со 2-0, но во реваншот доживеа шокантен пораз од 1-3.
Финалето од 2005-та во Истанбул, Ливерпул – Милан (3-3, 3-2 на пенали) е прво на топ-листата. Свежи се и сеќавањата на ланското фијаско на Барселона во дуелот со Рома во четврт-финалето (4-1 и 0-3). Претходно, во сезоната 2016/2017, во осминафиналето, Барса беше декласирана од ПСЖ во првиот меч (0-4), но во реваншот возврати со неверојатни 6-1!
Во 2011/2012, во осминафиналето, Челси во првиот меч загуби од Наполи со 1-3, но во реваншот победи со 4-1, по продолженијата. Во четврт-финалето од сезоната 2003/2004, Милан во првиот меч ја совлада шпанска Ла Коруња со 4-1, но во реваншот загуби со 0-4!