Ливерпул забележа нова победа над Вест Хем (3-2), 26-та на 27 меча сезонава во Премиер-лигата. На „црвените“ сега им се потребни уште четири победи или 12 бода на преостанатите 11 меча за освојување на шампионската титула, 19-та во клупската историја по 30-годишна пауза.
Ливерпул ја впиша 18-та победа во низа, со што се израмнија со рекордот на Манчестер сити, кој имаше иста таква серија од август до декември 2017 година.
За Ливерпул тоа беше и 21. триумф во низа на домашен терен во Премиер-лигата, што значеше изедначување на клупскиот и англиски рекорд поставен помеѓу јануари и декември 1972 година под водство на легендарниот менаџер Бил Шенкли.
Од последниот првенствен пораз, на 3 јануари 2019-та на гости од Манчестер сити (1-2) па досега, Ливерпул има освоено 122 од можните 132 бода.
Во книгата на рекорди се запиша и десниот бек на „црвените“, Трент Александер-Арнолд, кој стигна до бројката од 25 асистенции во Премиер-лигата, со што се израмни со дефанзивецот на Ливерпул, Норвежанецот Стиг Инге Бјорнаби. Само Сеск Фабрегас (20 години и 134 дена) и Вејн Руни (21 година и 63 дена), забележале 25 асистенции во Премиер-лигата на помлада возраст од Александер-Арнолд (21 година и 140 дена).
Мохамед Салах, пак, го даде 69-от гол на 98-от меча во дресот на Ливерпул, со што се израмни со Луис Суарез, но тој до таа бројка стигна по 110 натпревари.
Ливерпул по 27 изминати кола има освоено 79 бода, исто колку и шампионскиот тим на Манчестер јунајтед (но по 38 кола) во сезоната 1998/1999, кога освои три трофеи, ЛШ, ФА-купот и Лига-купот.