Тој е комплетен фудбалер, максимално исполнителен во нападот и во одбранбените задачи, вели Горазд Михајлов. Одигра сезона за паметење, играше во врвна форма, рече Зоран Стратев. Понекогаш статистиката може да даде погрешна слика за ефектот на фудбалерот, но кај Левандовски нема ништо спорно, вели Ивана Пројковска, која кај фудбалерките ја издвојува Венди Ренар. Во овој избор сум за Ноер, затоа што голманите и кога имаат феноменални одбрани, а тој ги има, секогаш се во сенка на голгетерите, рече Зоран Михајлов

ФУДБАЛ – МИНИ-АНКЕТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЗА КАНДИДАТИТЕ ЗА НАГРАДАТА НА УЕФА

Откако Европската фудбалска унија (УЕФА) ги објави кандидатите за наградата за најдобар фудбалер за сезоната 2019/2020, на која се најдоа Кевин де Брујне, Роберт Левандовски и Мануел Ноер, „Нова Македонија“ направи мини-анкета за тоа кој би требало да ја добие наградата. Гласовите главно заминаа кај Левандовски. УЕФА треба да ги објави победниците в четврток.
– Левандовски цела сезона, и пред и по паузата поради коронавирусот, ја одигра на високо ниво, како тимски играч, со голови, постојаност и со рекорд со број на голови. Тој е комплетен фудбалер, кој е максимално исполнителен не само во нападот, туку и во одбранбените задачи. Вистински модерен центарфор, а пред сѐ тимски играч – вели Горазд Михајлов, тренерот на македонскиот прволигаш Борец.
Својот глас за центарфорот на Баерн и на полската репрезентација го даде и Зоран Стратев, поранешен фудбалер и истакнат тренер, сега директор на младите репрезентативни селекции на Македонија.
– Левандовски одигра сезона за паметење, играше во врвна форма, постигнуваше голови како од шега. Со Баерн освои сѐ што можеше да се освои, триумфира во Лигата на шампионите, во Бундес-лигата, во Суперкупот, во Купот на Германија, и во сите натпреварувања и на сите натпревари беше меѓу најдобрите. Може некој да не го сака, но тоа што тој го постигна заслужува голем респект, малкумина можат да се пофалат со слични постигнувања. Секоја чест за Де Брујне и за Ноер, двајцата се одлични играчи, но Левандовски е тој што треба да го добие признанието за најдобар играч на сезоната – вели Стратев.

И македонската фудбалска судијка, Ивана Пројковска, смета дека Левандовски во машка конкуренција е фаворит за наградата, а кај фудбалерките Венди Ренар од Лион.
– Немам миленици меѓу фудбалерите или фудбалерките, ги гледам со поинакви очи, но имам голем респект за повеќето од нив. Што се однесува до трите кандидатки номинирани за признанието за најдобра фудбалерка во изборот на УЕФА ќе кажам дека сите се одлични и ја заслужуваат наградата. Но ако веќе треба да се одлучам само за една, тоа би била Французинката Ренар, која е столб во одбраната на Лион, но знае да биде опасна во нападот, при прекините и постигна доста решавачки голови. Фактот што има освоено седум европски титули со Лион кажува сѐ. Кај мажите Левандовски се изнадава голови сезонава, освои сѐ што можеше да се освои и нема дилеми дека е прв кандидат за престижната награда. Понекогаш статистиката може да даде погрешна слика за ефектот на фудбалерот, но кај Левандовски нема ништо спорно – рече Пројковска.

Ноер е господар не само на петерецот и на шеснаесетникот, туку прави и чести интервенции надвор од него, со кои може да спречи и контранапади на противникот, вели доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов.
– Во овој избор сум за него, затоа што голманите и кога имаат феноменални одбрани, а тој ги има, секогаш се во сенка на голгетерите – рече Михајлов. Л.Д.;Г.М.