Тој сезонава во Бундес-лигата веќе постигна 39 гола, 11 повеќе од Лионел Меси, и практично е недостижен
ФУДБАЛ
Баерн Минхен минатиот викенд ја завери деветтата шампионска титула во низа во Бундес-лигата, а Роберт Левандовски со хет-трикот стигна до бројката од 39 гола сезонава. На две кола до крајот на првенството, Левандовски е многу блиску до израмнување и до соборување на 49-годишниот рекорд на Герд Милер од сезоната 1971/1972, кога постигна 40 гола.
Останува да се види дали Левандовски ќе постави нов голгетерски рекорд во Бундес-лигата, но она што е повеќе од извесно, е дека сезонава на многуте титули, награди и признанија ќе ја освои првата „златна копачка“ во кариерата наменета за најефикасниот стрелец во петте најдобри лиги во Европа. Неговите 39 гола или 78 поени (за еден гол се доделуваат по два поена), се 11 повеќе од вториот најдобар стрелец, Аргентинецот Лионел Меси од Барселона, кој има дадено 28 гола и на три кола до крајот во Ла лига може само теоретски да го мине. Трет е Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус со 27 гола, а на делба на четвртата позиција, со по 25 погодоци, се тројца фудбалери, Килијан Мбапе од ПСЖ, Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд и Андре Силва од Ајнтрахт Франкфурт.
Во минатата сезона најефикасен беше Чиро Имобиле, напаѓачот на Лацио, со 36 гола. Претходно три сезони по ред, во 2018/2019, 2017/2018 и 2016/2017, Меси беше прв стрелец со 36, 34 и 37 гола. Меси е единствениот што освоил шест „златни копачки“ и е актуелен рекордер со 50 постигнати гола (100 поени) од сезоната 2011/2012.
Во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), во групната и во нокаут-фазата, најефикасен со 10 гола, сите во ЛШ, е Холанд. Втор со девет гола е Бруно Фернандеш од Манчестер јунајтед, од кои четири во ЛШ, а пет во ЛЕ, ефект што може да го подобри, оти му претстои финалето во ЛЕ против Вилјареал на 26 мај. На делбата на третата позиција со по осум гола се Мбапе, сите во ЛШ, и Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед, шест во ЛШ и два во ЛЕ.