Барселона има долг од 1,35 милијарда евра и загуба од 481 милион евра годинава. Кога го презедовме клубот, немавме ниту за плата за вработените. Работиме на тоа да го извлечеме клубот од оваа ситуација и направивме
финансиска операција за да добиеме 551 милион евра, ги намаливме спортските договори за 155 милиони евра, но и понатаму треба да штедиме. Сѐ додека е тука оваа администрација, газди на клубот секогаш ќе бидат членовите. Грешат оние што мислат дека можат да ја преземат Барселона. Нацртавме црвена линија, вели првиот човек на Барселона

ФУДБАЛ – БАРСЕЛОНА

Не е никаква тајна дека Барселона е во голема криза. Каталонската фудбалска гордост помина низ многу тешки моменти во својата историја, но моментната ситуација е најтешка досега, барем кога станува збор за финансиите. А познато е дека во денешно време финансиите одредуваат речиси сѐ во спортот. Претседателот на клубот, Жоан Лапорта, откри дека долгот се зголемил на 1,35 милијарда евра, а за лошото работење ги обвини поранешните лидери, предводени од тогашниот претседател Хозеп Марио Бартомеу.
– Барселона има најлоши сметки во историјата, со долг од 1,35 милијарда евра и загуба од 481 милион евра годинава. Кога го презедовме клубот, немавме ниту за плата за вработените. Наидовме на таква ситуација – изјави Лапорта, пренесува „Марка“.
Тој за лошата ситуација го обвини лошото управување на клубот од претходното раководство.
– По завршувањето на истрагата, ќе одлучиме за евентуални правни потези. Институцијата е во исклучително деликатна ситуација поради својата финансиска структура. Треба да донесеме одлуки што ќе го означат нашиот иден правец – вели Лапорта.
Претседателот на Барселона им вети на членовите дека неговото раководство нема да ги продаде акциите на клубот, туку оти има намера на други начини да дојде до парите.
– Работиме на тоа да го извлечеме клубот од оваа ситуација и направивме финансиска операција за да добиеме 551 милион евра. Ги намаливме спортските договори во првиот тим за 155 милиони евра, но, сепак, и понатаму треба да штедиме. Сѐ додека е тука оваа администрација, газди на клубот секогаш ќе бидат членовите. Грешат оние што мислат дека можат да ја преземат Барселона. Нацртавме црвена линија што никој нема да ја премине – вели првиот човек на Барселона.


Следи референдум

Барселона ги обелодени плановите за реновирањето на стадионот „Ноу камп“, кој е во употреба од септември 1957 година, како и за изградба на хотел. Идејата е да се изградат нова сала (со капацитет од 10.000 до 15.000 места) и нов мини-стадион, канцеларии и други објекти. Новиот „кампус“ на Барселона ќе биде интегриран во градскиот комплекс, со надеж дека ќе го има најголемиот спортско-забавен простор во Европа. Референдумот закажан за сабота ќе го има последниот збор за тоа што ќе се случува, но Каталонците сакаат да ги активираат работите на парцелата од 18 хектари во центарот на градот околу стадионот. Трошоците за целиот проект се проценуваат на околу 1,5 милијарда евра, кои ќе се обезбедат од различни извори. Работите би почнале в година, а би требало да завршат до 2025 година.