Мислам дека ако сакате да имате добар тим, неопходна е амбицијата да работите на многу аспекти, не само на тактички туку и на физички аспекти. Во Премиер-лигата треба да имате добра физичка кондиција. Сакаме да внесеме интензитет и да имаме интензитет на тренинзите, вели Конте, кој стана речиси синоним за системот со тројца играчи во последната одбранбена линија, што со успех го примени при освојувањето на титулата со Челси во првиот мандат
ФУДБАЛ
Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, во интервјуто за британски „Скај спорт“ пред мечот со Ливерпул (играа синоќа) зборува за трансфер-инвестициите, за важноста на физичката подготвеност, за стилот и за страста, за очекувањата и за целите… Тотенхем ги поправи играта и формата откако Конте ги презеде обврските и забележа три победи и едно реми на четирите првенствени натпревари за седмо место на табелата минатиот викенд, и со три натпревари помалку. Поради снегот беше одложен натпреварот со Барнли, а поради новиот бран на ковид-19 што го погоди Тотенхем беа одложени мечевите со Брајтон и со Лестер. Дополнително, напредокот на Тотенхем во инаугуративната Лига на конференциите (ЛК) останува неизвесен откако беше откажан натпреварот со Рен.
Говорејќи за „Скај спорт“, Конте објаснува како актуелната криза го потресла клубот, за важноста на неговиот стручен тим, за изворите на неговата страст, зошто прифатил да го предводи Тотенхем и зошто Ливерпул е пример за успех.
Приспособување во неприспособливи услови
– Искрено, во овие моменти тоа не е лесно. Имаме три натпревари што ќе треба да ги одиграме, не знаеме кога и не знаеме дали во иднина ќе се одложат други мечеви. Поради проблемот со ковид-19, многу ни е тешко да размислуваме што ќе се случи. Трениравме многу добро две недели, а потоа почнаа проблемите. Последниот натпревар го одигравме пред две недели и практично немавме вистински тренинг, бидејќи многу играчи беа позитивни, па поради тоа тренираа само 11 или 12 играчи. Не е лесно, ти треба целиот тим за да работиш нормално – вели Конте.
Но и покрај моментната сложена ситуција, неговите општи први впечатоци за тимот се доста позитивни.
– Играчите тренираа, се обидоа да се подобрат и да ја следат нашата тактичка идеја. Тоа го најдов во Тотенхем и мислам дека е многу важно – вели Конте.
Неговиот стручен штаб, исто така, се обликуваше. Во него се Кристијан Стелини, Костантино Корати, Џан Пјеро Вентроне, Стефано Бруно и братот Џанлука Конте, асистент и аналитичар со 15-годишното работење исклучиво со својот помлад брат во Бари, Сиена, Јувентус, во репрезентацијата на Италија, Челси и Интер.
– Имам важен однос со мојот брат, разговараме и го анализираме тимот со кој ќе играме. Понекогаш тој ми дава важни совети за време на натпреварот, или помеѓу првото и второто полувреме. Тој има важна улога во мојот тим – вели Конте.
Оган и мраз
Вообичаено, Конте изгледа смирено и прибрано кога одговара на прашања. Тогаш од каде доаѓа неговата голема страст покрај теренот, на натпреварите?
– Сакам да играм со моите играчи. Живеам со висок интензитет. Кога ќе почне играта против противникот, сакам моите играчи да знаат дека сум со нив на теренот и оти се обидувам да им помогнам доколку не најдат најдобро решение – рече тој.
Таа енергија го одразува неговиот стил на игра, а тимовите што ги предводи често претрчуваат натпросечни растојанија. Конте го издигна Челси од 17-то на седмото место во таа метрика во текот на првата сезона и до третото место во вториот мандат. На шест од 10 натпревари пред да дојде Конте во Тотенхем, тимот истрча значително помалку од противниците. Од неговото назначување, забележани се поголеми растојанија од противниците на сите четири меча, што кулминира со 121 км против Норич, најмногу сезонава, далеку повеќе од 95-те км против Кристал палас во септември.
– Мислам дека ако сакате да имате добар тим, неопходна е амбицијата да работите на многу аспекти, не само на тактички туку и на физички аспекти. Во Премиер-лигата треба да имате добра физичка кондиција. Сакаме да внесеме интензитет и да имаме интензитет на тренинзите – вели Конте.
Италијанецот стана речиси синоним за системот со тројца играчи во последната одбранбена линија, што со успех го примени при освојувањето на титулата со Челси во првиот мандат. Но, се разбира, има многу повеќе во неговиот префериран стил на игра отколку во тој систем.
– Ја почнав кариерата со четворица одзади, со 4-2-4 во Серија Б, во Италија. Со Јувентус и со Челси, почнав да играм 4-2-4 или 4-2-3-1, но тоа зависи од карактеристиките на играчите. Кога пристигнав во Тотенхем мислев дека е многу важно да се најде решение и да се игра со тројца одзади поради карактеристиките на играчите. Мислам дека најважно за тимот е да се најде рамнотежа помеѓу нападот и одбраната – објаснува Конте.
Очекувања: трофеј, пласман до четврто место?
Конте пристигна во Тотенхем каде што главниот збор го има претседателот Даниел Леви, со визија за тимот, како на теренот така и надвор од него. Значи, која е мерата за успех за Леви и за клубот што 14 години е без освоен трофеј?
– Искрено, не зборувавме за целите. Сакав да дојдам во Тотенхем затоа што сфатив дека нивните карактеристики се она со кое сакам да работам; фантастичен тренинг-центар и стадион. Јас и луѓето многу добро знаеме дека во овој момент штотуку ја почнавме нашата работа. Ни треба трпение. Кога ќе почнете да работите, треба да работите на многу аспекти, има и психолошки аспекти – вели Конте.
Ливерпул е модел за успех
Остануваат прашалници за иднината на Хари Кејн, кој постигна само еден првенствен гол на 13 настапи сезонава, откако летово пропадна трансферот во Манчестер сити. За очекување е Конте да доведе некое засилување во зимскиот преоден рок што ќе почне за две недели. Конте го спомнува Ливерпул како пример за успешно работење откако за менаџер беше назначен Јирген Клоп во 2015 година.
– Од Ливерпул можеме да научиме многу. Мислам дека Јирген Клоп уште кога пристигна таму почна фантастична работа. Првата сезона не постигна многу, но ја почна работата. Ако сакате да го достигнете ова ниво, ви требаат работа, време, трпение и инвестиции во трансфери – истакнува Конте.