Доколку потпише договор со „кралевите“, Конте ќе мора да се откаже од испратнината од 10 милиони евра од Челси
Реал, како што и се очекуваше, не размислуваше многу дали да му врачи отказ на тренерот Хулен Лопетеги, но работите запнаа околу ангажирањето на Италијанецот Антонио Конте. По сѐ изгледа претстојат комплицирани разговори со Конте, па и со Челзи, со кого тој има нерасчистени сметки. Доколку потпише договор со „кралевите“, Конте ќе мора да се откаже од испратнината од 10 милиони евра од Челси.
Во очекување на подолгорочно тренерско решение, за в.д. тренерот на Реал назначен е Аргентинецот Сантијаго Солари, поранешен фудбалер на Реал.
Лопетеги (52), кој дојде на функцијата пред четири месеци, пред Светското првенство (СП) во Русија, доби отказ по лошиот почеток на сезоната и по срамните 1-5 од Барселона во „Ел класико“ што ја прелеа чашата на незадоволство кај клупските челници. Лопетеги експресно беше сменет и од селекторската функција на Шпанија откако се дозна дека се договорил со Реал.
Правилата на Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) велат дека Реал има само две недели за ангажирање нов тренер, што значи дека нема многу време за преговори со Конте.
Во Реал знаат дека часовникот отчукува и оти мора да го назначат Солари за тренер со полно работно време, да ги завршат преговорите со Конте или едноставно да ангажираат друг кандидат.
Лопетеги им се придружи на Дејвид Мојес, на Гари Невил, Рафаел Бенитез на листата на најлоши тренери/менаџери во историјата на фудбалската игра.
Да се наследи Зинедин Зидан, по трите титули првак на Европа, е (пре)тешка задача за секого. На 10 натпревари сезонава во Ла лига и четирите порази Реал е на деветтото место на табелата. Крајот беше со дебаклот во „Ел класико“.
Претходникот на Дејвид Мојес во Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон беше на менаџерската функција речиси 27 години. Поранешниот менаџер на Евертон не успеа да издржи ниту 11 месеци.
Назначувањето на поранешниот десен бек на Манчестер јунајтед, Гери Невил, за тренер на Валенсија во декември 2015 година предизвика неверување кај многумина. Невил немаше претходно тренерско искуство на највисоко ниво, не знаеше ниту збор на шпански да се каже, и јасно под негово водство, Валенсија не направи ништо. Невил и Валенсија беа понижени од Барселона, загубија со 0-7 по што стана јасно дека за него нема иднина во Валенсија. Во март 2016 година, по само четири месеци Валенсија го отпушти Невил.
Благодарение на несреќниот Лопетеги, Рафаел Бенитез повеќе нема да биде тренерот на Реал со најкраток стаж во последната деценија.
Поразот од Барселона во „Ел класико“, 0-4 на почетокот од сезоната 2015/2016 и фарсичната елиминација од Кралскиот куп, му ја запечатија судбината. Бенитез доби отказ во јануари 2016 година.