Ние, како играчи, имаме улога да покажеме квалитет на теренот, но и надвор од теренот, да го направиме женскиот фудбал релевантен, вели Хегерберг, петкратната првенка на Франција со Лион, освојувачка на четири титули во Лигата на шампионите (постигна хет-трик во финалето во 2019 година) и освојувачка на првата „златна топка“ за фудбалерки во 2018 година

АДА ХЕГЕРБЕРГ, НАЈДОБРА СВЕТСКА ФУДБАЛЕРКА

Најдобрата светска фудбалерка, Норвежанката Ада Хегерберг има интензивен испитувачки поглед. Додека одговара на прашањата, гестикулира со рацете, за време на повеќе од едночасовниот разговор концентрација ѝ попушти само кога влезе во собата петгодишната ќерка на физиотерапевтот на Лион. Хегерберг почна да се смее и на пријатен француски јазик му се обрати на девојчето пред да го продолжи разговорот: „Извини, каде застанавме?“, го почнува интервјуто со Хегерберг новинарката на британски „Телеграф“.
Пандемијата на коронавирусот ја запре сезоната на Лион, но Хегерберг (24) не размислува за тоа. Таа е фокусирана на тоа дека врвните фудбалски институции треба многу повеќе внимание да му посветат на женскиот фудбал.

– Се грижам за иднината. Машкиот фудбал останува приоритет и јас го разбирам тоа, тој генерира многу пари, од кои и сите имаме корист. Но треба да се размисли за некои работи за женскиот фудбал да продолжи да напредува. Клучно е да не се враќаме таму каде што бевме пред неколку години. Ние, како играчи, имаме улога да покажеме квалитет на теренот, но и надвор од теренот, да го направиме женскиот фудбал релевантен – вели Хегерберг.
Кон крајот на јануари годинава Хегерберг ги повреди лигаментите на десното колено, на тренинг, што значеше крај на сезоната за неа уште пред ескалацијата на коронавирусот. Таа сега е во период на рехабилитација и вели дека нејзиното „омилено време во годината“ е за време на летната пауза, кога се враќа во Осло за да биде со тренерот, нејзиниот татко Штајн Ерик, и да тренира во близината на родителскиот дом. Нејзината постара сестра, Андрин, која игра за Рома, исто така е таму и, повторно, како да имаат по 11 години, ги одработуваат истите вежби што нивниот татко секогаш ги правел со нив.

– Со татко ми работиме на ситните детали и мислам дека тоа многу ми помага кога ќе се вратам назад со тимот. Тоа време со луѓето што ги сакам потоа ми дава голема мотивација. Јас размислувам заедно со нив, со најблиските, наместо да размислувам сама – вели Хегерберг.
Размислувањето е сѐ што Хегерберг го прави во минатите два и пол месеца, справувајќи се со првата посериозна повреда во кариерата. Таа го прифаќа тоа со голема доза на цврстина и вели дека тоа ќе ја однесе на „сосема друго ментално ниво“ кога ќе закрепне. Сега е во изолација, сама ја врши рехабилитација во својот стан во Лион, далеку од семејството и од сопругот, професионалниот фудбалер Томас Рогне, кој настапува за Лех Познан во Полска.
– Првата недела беше тешка. Поминав низ различни расположенија, на тага, лутина, главно неразбирање. Зошто јас, зошто сега? Уште сум во фаза нагоре-надолу, но кога ќе видам што се случува во светот, сметам дека сум среќна на некој начин – вели Хегерберг.

Нејзиниот фудбалски кредибилитет е огромен. Таа е петкратен првак на Франција со Лион, има четири титули во Лигата на шампионите, постигнат хет-трик во финалето во 2019 година и е освојувачка на првата „златна топка“ за фудбалерки во 2018 година. Тимските колешки ја нарекуваат најкомпетитивната фудбалерка во Лион. Течно зборува четири јазици и вели дека се обидува да ја убеди сестра си, која е во Рим, да ѝ помогне да научи италијански.