Македонија е трета во групата Г во квалификациите за ЕП 2020, што е најдобар пласман на фудбалската репрезентација во досегашните 13 учества во квалификациите за ЕП и за СП

Македонија со победата над Израел во Скопје со 1-0 на најдобар можен начин ја заврши квалификациската кампања за пласман на фудбалското Ев­ропско првенство (ЕП) во 2020 година. Македонија е трета во групата Г, што е најдобар пласман на фудбалската репрезентација на досегашните 13 учества во квалификациите за ЕП и за СП. На првите три учества во квалификациите за ЕП, за тие во 1996, 2000 и во 2004 година, Македонија го освојуваше четвртото место. На следните два настапа, за ЕП 2008 и 2012, Македонија беше петта, а дното го допре во квалификациската кампања за ЕП 2016, со пласманот на последната, шеста позиција.

Имајќи ги предвид ваквите досегашни постигнувања, третото место треба да се оквалификува како успех, во конкуренција на Полска и на Австрија, кои ја оправдаа фаворитската улога во групата и заслужено се на завршниот турнир. Ефектот на Македонија е четири победи, над Летонија (две), Словенија и над Израел (по една, и ремија на гости) и четири порази (по два од Полска и од Австрија), за вкупно 14 бода и негативна гол-разлика, 12-13.

Сево ова покажува дека Македонија во овие квалификации, претходно и во Лигата на нациите (ЛН), направи квалитативен и квантитативен исчекор напред, играше добро и освојуваше бодови и на гости, на „жешки“ терени, со селекции со кои сме на исто рамниште. Но во дуелите против поискусните и порутинирани и, реално, многу поквалитетни репрезентации, како Полска или Австрија, ќе биде потребно уште некое време за оваа селекција да созрее за конечно да се стигне до завршен турнир на ЕП или на СП.

Селекторот Ангеловски уште пред почетокот на квалификациите изјавуваше дека Македонија не треба и не смее да се задоволува само со настап и дека мора да се бори за место што води на ЕП. Неговите избраници дадоа максимум на сите мечеви (освен против Австрија во Скопје, 1-4) и тука нема што да им се забележи.
– Македонија го освои третото место, но јас не сум задоволен. Групата со Полска, Австрија, Израел и со Словенија не беше лесна, но требаше да ја победиме Словенија на гости, требаше да го победиме Израел и во првиот меч, требаше да не загубиме дома од Полска. Со тие бодови можеби и ќе успеевме да се квалификуваме – вели Ангеловски.

За Македонија останува уште можноста преку плејофот во Лигата на нациите, во март в година да обезбеди настап на ЕП 2020. Но прогресот е евидентен, на играчки и на резултатски план, иако не треба да се залажуваме со тоа дека освојувањето на третото место е којзнае колку голем успех. Факт е дека оваа репрезентација има потенцијал, селекторот Ангеловски направи успешен спој на младоста и на искуството, на Елиф Елмас, Енис Барди, Бобан Николов, Стефан Ристовски, со Горан Пандев, Илија Несторовски, Стефан Спировски и другите. Најдоброто е тоа што токму младите станаа носители на играта и без нив практично не се може и врз нивните квалитети треба да се надградува репрезентацијата.

Сега на ред е плејофот во март, противник е Косово, сите мисли и сили треба да бидат во функција на тој меч. 


МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 1-0
Стрелец: Николов во 45 минута. Жолти картони: Барди, Николов, Глазер, Саба, Менахем, Дабур. Национална арена „Тодор Проески“. Гледачи: 7.000. Судија: Паоло Валери (Италија).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски (од 72. минута Зајков), Ристевски, Костадинов, Николов, Барди, Пандев (79. Аврамовски), Елмас, Стојановски (63. Несторовски). Селектор: Игор Ангеловски
ИЗРАЕЛ: Харуш, Тиби, Битон, Глазер, Даса (41. Дгани), Елмкиес (59. Хазиза), Натчо, Менахем, Дабур, Захави, Саба (68. Вајсман). Селектор: Андреас Херцог.

ГРУПА Г
Полска 10 8 1 1 18-5 25
Австрија 10 6 1 3 19-9 19
Македонија 10 4 2 4 12-13 14
Словенија 10 4 2 4 16-11 14
Израел 10 3 2 5 16-18 11
Летонија 10 1 0 9 3-28 3
при ист број бодови решава
меѓусебниот скор