Иднината на фудбалот ќе се решава на следниот состанок на Управниот одбор на ФИФА – на 14 и 15 март во Мајами, јави МИА.
Таму ќе бидат дискутирани важни теми како зголемувањето на тимовите на Светското првенство во Катар до 48 екипи, нов формат на светското клубско првенство, како и нова Лига на нациите – но овој пат не европска, туку светска.
Во моментов во календарот нема официјален датум за следниот клупски Мундијал, кој треба да се одржи кон крајот на 2019-та година. Форматот и организацијата се ставени под прашање и сѐ уште не се ставени на гласање.
Претседателот на ФИФА Џани Инфантино сака турнирот да има повеќе тимови – како Светското првенство за репрезентации, а не да биде составен само од победниците во сите најсилни клубски турнири во одделните континенти.
ФИФА ќе сака враќање на формата на Интернационалниот куп, во кој учество земаат и победниците во Лига Европа и Копа Судамерикана.
За Светското првенство во фудбал пак се размислува напорно за варијанта тимовите да бидат зголемени до 48 уште на Мундијалот во Катар во 2022 година, а не дури за шампионатот во Канада, Мексико и САД во 2026 година.
Инфантино има и желба да ја внесе ФИФА во Лигата на нациите (во моментов под покровителство на УЕФА). Така, турнирот ќе замине надвор од Европа и ќе може да вклучи многу поголем број земји.
Сите овие промени ќе бидат разгледани неколку месеци пред гласањето на ФИФА на 5 јуни во Париз.