Радомир Антиќ, српскиот тренер кој останува единствениот кој ги водел трите шпански гиганти, Атлетико Мадрид, Реал Мадрид и Барселона починал денеска на 72 години.
Легендарниот тренер живееше во Шпанија, а први веста за неговата смрт ја објавија Атлетико Мадрид, клуб со кој ја освои титулата во Шпанија.
– Семејството на Атлетико Мадрид жали по смртта на еден од нашите легендарни тренери, Радомир Антиќ. Тој секогаш ќе биде во нашите срца. Почивај во мир – напишаа од Атлетико.
Антиќ како фудбалер играше во Партизан, Фенербахче и Сарагоса, а во својата богата тренерска кариера работеше и со Сарагоса, Овиедо, Селта, српската репрезентација и кинеските Шандонг Луненг и Хебеи Чајна Фортјун. Тој беше болен подолго време и последните денови од животот ги помина во болница.