Само Челси и Манчестер сити немаат нови играчи во однос на групната фаза, во игра се враќаат повредените Кјелини, Асенсио и Лорис, пет тима направија само една измена, а шест го искористија максимумот од три нови фудбалери
На десетина дена пред почетокот на осминафиналето во Лигата на шампионите, Европската фудбалска унија (УЕФА) ги објави измените на составите на најдобрите 16 тима сезонава, според кои Челси и Манчестер сити ќе бидат единствени што ќе играат без нови фудбалери во однос на есенскиот дел.
Но на листата се и неколку екипи што практично нема да имаат новоангажирани фудбалери, оти во однос на првиот дел на своите листи ги додале играчите што биле повредени или некои на т.н. Б-листа, на кои не сметале во групната фаза.
Такви екипи, на пример, се Јувентус, за кој може да игра досега повредениот Џорџо Кјелини, потоа Реал Мадрид, кој го пријави Марко Асенсио, кој имаше повредени лигаменти на коленото, како и Тотенхем, за чиј тим ќе конкурира досега повредениот голман Уго Лорис, а од другите, на пример Барселона пријави тројца од Б-тимот итн.
Од другите, Борусија Дортмунд ги ангажира Емре Џан и Ерлинг Холанд, за европскиот првак Ливерпул ќе игра Такуми Минамино од Салцбург, а по еден нов во составот имаат и ПСЖ (Марцин Булка), Атлетико (Јаник Караско), Баерн (Алваро Одриозола), како и Јувентус и Реал Мадрид.
Вкупно 28 нови фудбалери можат да настапат во пролетниот дел од сезоната на ЛШ. Според правилата на УЕФА, секој клуб може да регистрира најмногу тројца нови играчи во однос на првиот дел од сезоната, а тој максимум го искористија Аталанта, Барселона, Лајпциг, Наполи, Тотенхем и Валенсија.
Од минатата сезона веќе не важи едно трансфер-правило, па сега клубовите можат во зимскиот период да ангажираат фудбалери што сезонава веќе играле за друг клуб во ЛШ и тие фудбалери да имаат право да играат и за новиот клуб во ЛШ во истата сезона.
Македонија ќе има еден претставник во осминафиналето, репрезентативецот Елиф Елмас од Наполи, кој во групната фаза настапи на четири меча, и тоа двапати против Ливерпул и по еднаш со Генк и со Салцбург.
ОСМИНАФИНАЛЕ
Атлетико М. – Ливерпул 18.2
Борусија Д. – ПСЖ 18.2
Аталанта – Валенсија 19.2
Тотенхем – Лајпциг 19.2
Челси – Баерн 25.2
Наполи – Барселона 25.2
Лион – Јувентус 26.2
Реал М. – Манчестер с. 26.2
реваншите се од 10 до 18 март