Данска ја прокнижи осмата победа на исто толку натпревари (вкупна гол-разлика 27-0), со што ѝ се придружи на Германија на СП 2022. Во ноември следуваат неколку дерби-средби за пласман на Мундијалот и во трката за влез во баражот. За осумте преостанати директни места од Европа на СП 2022 во игра се 21 репрезентација
ФУДБАЛ – ПО ОСУМ КОЛА, ГЕРМАНИЈА И ДАНСКА ПРВИ СЕ ПЛАСИРАА НА СП
Данска ја забележа осмата победа, на исто толку натпревари, против Австрија, со 1-0 (вкупно постигна 27 гола, без ниту еден примен) во квалификациската група Ф, со што ѝ се придружи на Германија, која прва обезбеди место на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар. За Данска тоа ќе биде шесто учество на СП (претходно во 1986, 1998, 2002, 2010 и во 2018 година).
– Ова многу ни значи, ова беше една од најдобрите вечери на стадионот „Паркен“. Беше неверојатно. Најважно е што победивме и обезбедивме пласман на СП – изјави дефанзивецот на Данска, стрелецот на победоносниот гол, Јоаким Меле.
Во другите групи, последните ноемвриски натпревари од квалификациите ќе одлучат кои репрезентации како првопласирани во групите директно ќе се пласираат на СП, а кои како второпласирани ќе разигруваат во баражот. За преостанатите осум директни места во игра се 21 репрезентација. Репрезентацијата на Франција, бранителот на титулата од 2018-та, е прва во групата Д, со 12 бода од шест меча, три повеќе од Украина (и еден меч повеќе), односно четири повеќе од Финска. Европскиот првак Италија има 14 бода, колку и Швајцарија во групата Ц, и нивниот меѓусебен дуел на 12 ноември ќе го реши прашањето за првата позиција. Во слична ситуација се Србија и Португалија (група А), Шведска и Шпанија (група Б), Белгија, Чешка и Велс (група Е), Холандија, Норвешка и Турција (група Г), Русија и Хрватска (група Х), Англија, Полска и Албанија (група И), кои допрва, во последните две кола, ќе се борат за првото место што води директно во Катар.