Познати се 20 фудбалски репрезентации што се пласираа на Европското првенство во 2020 година. Тоа се: Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Англија, Финска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Русија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција, Украина и Велс.

Ждрепката за составот на групите е закажана за 30 ноември во Букурешт, Романија, но веќе се познати шесте носители – Белгија, Англија, Италија, Германија, Шпанија и Украина. Бранителот на титулата, Португалија, и европскиот вицепрвак и актуелен светски првак, Франција, не се меѓу носителите.

Носителите на групите се утврдени според резултатите во квалификациите. Победниците во групите се рангирани од 1-то до 10-то место, второпласираните од 11-то до 20-то и четирите победници во плејофот од 21-то до 24-то место. Она што е сигурно е и тоа дека земјите-домаќини автоматски се во групи во својата земја, за да се осигурат дека дома ќе одиграат најмалку по два меча, некои и по три, како на пример Италија, Англија, Холандија, Шпанија, Германија…

Според претходно утврдени правила, и пред ждрепката е познато во која група ќе играат некои репрезентации. Така, групата Б е речиси комплетирана, со Русија, Данска и со Белгија, а и групата Ц има два сигурни учесника, Холандија и Украина. 


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
БАРАБАН 1: Белгија, Италија, Англија, Германија, Шпанија, Украина
БАРАБАН 2: Франција, Полска, Швајцарија, Хрватска, Холандија, Русија
БАРАБАН 3: Португалија, Турција, Данска, Австрија, Шведска, Чешка
БАРАБАН 4: Велс, Финска, плеј-оф А, плеј-оф Б, плеј-оф Ц, плеј-оф Д

ГРУПИТЕ ПРЕД ЖДРЕПКАТА
Група А: Италија
Група Б: Русија, Данска, Белгија
Група Ц: Холандија, Украина,
Романија*
Група Д: Англија, Шкотска*
Група Е: Шпанија, Р. Ирска*
Група Ф: Германија, Унгарија*
со * се означени репрезентациите што допрва ќе играат во плејофот и би играле во соодветната група ако се пласираат на ЕП