Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тој прими 12 гола на десетте меча сезонава за Рајо Валјекано и е меѓу водечките голмани во конкуренцијата за највисокото признание за чуварите на мрежата во шпанското фудбалско првенство

ФУДБАЛ

Голманот на македонската фудбалска репрезентација и на шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано, Столе Димитриевски, е меѓу водечките голмани во трката за највисокото признание за чуварите на мрежата во шпанското фудбалско првенство, наградата „Рикардо Замора“. Тој сезонава прими 12 гола на 10-те меча за коефициент 1,2.
Димитриевски (27), кој во минатите 10 сезони во Шпанија бранеше за Гранада, Кадиз, Гимнастик и за Рајо Валјекано, по 10 кола има коефициент колку што има и, на пример, Шпанецот Кико Касилја од Елче, а според пресметките, од голманите што настапиле во сите 10 средби сезонава, засега подобар е само Шпанецот Диего Лопез од Еспањол, со коефициент еден, а Серхио Ерера, голманот на Осасуна, на 10 натпревари прими 13 гола (коефициент 1,3).
Од другите, голманот на актуелниот шампион Атлетико Мадрид, Јан Облак, ланскиот добитник на признанието „Рикардо Замора“, со примени осум гола на девет натпревари има коефициент 0,89, Тибо Куртоа, голманот на Реал Мадрид, кој беше најдобар во сезоната 2019/2020 прими 11 гола на девет натпревари и има коефициент 1,22, Андре Тер-Штеген од Барселона со седум примени гола на седум меча има коефициент еден итн.
Трофејот во минатата сезона го освои Облак (петти за него, рекордер заедно со Виктор Валдес и со Антони Рамалетс) со коефициент 0,66, пред Куртоа со 0,74…
Наградата го носи името на шпанскиот легендарен голман и ја доделува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“ од 1958 година. За да конкурира за наградата, во текот на сезоната голманот мора да одигра најмалку 28 меча и во секој од тие натпревари на теренот да биде најмалку по 60 минути.