Утре почнува 30-та сезона на натпреварувањето откако тоа се ребрендира, а се заокружуваат и 30 години од воведувањето на групната фаза. Новитети ќе има и на терените, па ќе го видиме и новиот почеток на Роналдо и на Меси, а веќе во првото коло ќе има три средби во кои меѓу себе ќе играат клубови со вкупно 40 титули европски првак
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Со мечевите неделава од првото коло почнува јубилејната 30-та сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), откако најсилното европско клупско фудбалско натпреварување од пред три децении се ребрендира, а вкупно 67. (порано со име Куп на шампионите). Титулата ја брани англискиот Челси.
Натпреварувањето одбележува и 30 години од воведувањето групна фаза. До сезоната 1990/91 за европската титула се играше само со нокаут-систем, од сезоната 1991/92 почна да се игра и со групна фаза (со осум клуба), а во следната Купот на шампионите стана Лига на шампионите. До сезоната 1996/97 настапуваа само актуелните прваци на земјите-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА), а во 1997 година во ЛШ првпат настапија и второпласирани тимови (од осум земји).
ЛШ се прошируваше во следните сезони, прво на 16 клуба, потоа на 24 и од 1999 година во групната фаза играат по 32 клуба. Следното зголемување на бројот на учесниците е најавен за 2024 година, кога 36 клуба ќе играат во една група со сосема нов систем на натпревари.
Сезонава ќе биде прва по пауза од 23 години во која ќе има три купа на УЕФА, откако покрај ЛШ и Лига на Европа, првпат ќе се игра Конференциската лига. Во новата сезона на европските купови по 57 години нема да важи правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат во нокаут-средба.
НОВИТЕТИ И НА ТЕРЕНИТЕ
Новитети ќе има и на терените. Така, сезонава ќе го видиме и новиот почеток на Кристијано Роналдо и на Лионел Меси. Роналдо утре може да го одигра својот прв европски натпревар за Манчестер јунајтед, по пауза од 12 години. По неговото пристигнување во Париз летово, Меси, пак, може да го одигра својот прв натпревар од Лигата на шампионите за неговиот нов клуб, Пари сен Жермен, на гостувањето кај Клуб Бриж, в среда.
Двајцата се водечки стрелци во натпреварувањето, Роналдо досега постигна 134, а Меси 120 гола. Роналдо со два нови меча сезонава може да стане и рекордер според бројот на одиграни средби во ЛШ (сега води Икер Касилјас со 177 натпревари, а Роналдо има 176).
ДВЕ ГРУПИ СО ПО ТРИ НЕКОГАШНИ ПРВАЦИ
Веќе во првото коло на новата сезона ќе има три дерби-средби, во кои меѓу себе ќе играат клубови со вкупно 40 титули европски првак. Така, утре е дуелот помеѓу Барселона (пет европски титули) и Баерн (шест трофеи), а в среда е средбата помеѓу Милан (седумкратен првак) и Ливерпул (шест европски трофеи) и мечот Интер (три титули) – Реал Мадрид (13 трофеи).
Дуелот помеѓу Милан и Ливерпул е само трет меѓу тие два клуба во ЛШ. Досегашните два меча беа во финалињата (Ливерпул победи во натпреварот за европската титула во 2005 година, а Милан во 2007 година). Од екипите што играат меѓу себе во првото коло сезонава, во финале се сретнале и Интер и Реал Мадрид (во 1964 година).
Од досегашните европски прваци сезонава во ЛШ играат и Јувентус, Ајакс, Манчестер јунајтед, Бенфика, Порто, Борусија Дортмунд и Челси. Групи со по три некогашни европски прваци се групата Б (Порто, Ливерпул и Милан) и групата Е (Барселона, Баерн и Бенфика)…
РАЗВОЈ НА НАЈСИЛНОТО ЕВРОПСКО КЛУПСКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ
1955 г. прва сезона на Купот на шампионите
1991 г. воведена групна фаза, со осум клуба (две групи)
1992 г. ребрендирање во Лига на шампионите
1994 г. групна фаза со 16 клуба (четири групи)
1997 г. првпат играат и клубови што не биле прваци во претходната сезона
1997 г. групна фаза со 24 клуба (шест групи)
1999 г. групна фаза со 32 клуба (осум групи) и втора групна фаза со 16 клуба
2002 г. една групна фаза, со 32 клуба (осум групи)
2024 г. една група, 36 клуба
ДВОЈКИ, ПРВО КОЛО
Вторник
Група Е: Барселона – Баерн, Динамо Киев – Бенфика
Група Ф: Јанг бојс – Манчестер ј., Вилјареал – Аталанта
Група Г: Севилја – Салцбург, Лил – Волфсбург
Група Х: Челси – Зенит, Малме – Јувентус
Среда
Група А: Манчестер с. – Лајпциг, Клуб Бриж – ПСЖ
Група Б: Атлетико Мадрид – Порто, Ливерпул – Милан
Група Ц: Бешикташ – Борусија (Д), Спортинг – Ајакс
Група Д: Шериф – Шахтер, Интер – Реал Мадрид