На гости во Утрехт

По настапите за Тиверија и за Беласица, Семенков ја продолжи кариерата во Работнички, потоа во Брегалница, а ја заврши како прв стрелец во Тиверија. За куп-мечот Беласица – Динамо Загреб, за кој настапуваше и Васил Рингов, беа продадени над 10.000 билети. Во времето кога Истатов беше тренер, Семенков неколку години беше генерален секретар на Беласица

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (162) ТОМЕ СЕМЕНКОВ (2)

Еден од најпопуларните струмички фудбалери, Томе Семенков имаше интересна и богата кариера. По првите години, откако прво го облече првотимскиот дрес на Тиверија, потоа и на Беласица, кариерата ја продолжи во Работнички. За другарството што владееше во клубот од Дебар Маало пишував минатиот пат. Сега ќе се потсетиме на некои најинтересни моменти од настапите на Семенков.
Познати се вечниот фудбалски ривалитет и антагонизам што владеат меѓу Штип и Струмица. Но исто така познато е дека, наспроти тој антагонизам, имало многу преселби на фудбалерите од еден во друг клуб. Ова се случи и со Томе Семенков, кој по настапите за Работнички, помина во редовите на „вечниот“ ривал.

ВО ДРЕСОТ НА „ВЕЧНИОТ“ РИВАЛ

Беше пауза во првенството, кога еден ден во Струмица со „мерцедес“ пристигнаа Балабанов, кој беше познат фудбалски работник, инаку алфа и омега во Брегалница, и мојот добар другар Ристе Божинов, еден од легендите на струмичкиот фудбал, кој во тоа време играше за штипјаните. Целта на нивното доаѓање беше да преговараат со мене за мојот трансфер во Брегалница. Прво се колебав, не знаев евентуалното мое заминување во Штип како ќе одекне во фудбалската јавност во Струмица. Но со оглед на понудените услови, а и фактот што е Штип тука, поблиску до Струмица, се согласив да одам и во следните сезони да настапувам во дресот на „вечниот“ ривал – вели тој.
Ова заминување на Семенков во почетокот се коментираше на различни начини, дури некои го сметаа за „предавство“, но потоа се смирија духовите и беше прифатено како нешто нормално.
– Во Штип бев примен извонредно и таму поминав три години. Но од многуте настапи, нема да го заборавам оној првиот во дресот на Брегалница. Игравме во Земун против ЕИ Младост. Успеавме да извлечеме реми, а добив повреда и по лекарската интервенција завршив со пет конци на брадата и два на јазикот. Ете, такво беше моето деби за штипјани – продолжи Семенков.

Следен противник била Приштина. Тренерот Арсениевиќ, поради повредата, воопшто не сметал на Семенков. Но овој, пак, сакајќи по секоја цена да дебитира против поранешниот прволигаш пред својата публика, му рекол на тренерот оти ќе потпише изјава, доколку дојде до некои компликации поради повредата, дека тој ја презема одговорноста.
– Јас на Арсениевиќ му реков: Ако играм, ќе постигнам три гола, а одговорноста за повредата јас ја преземам. Тој се насмеа и веројатно си помисли што човек е овој. Но сепак ме стави во тимот, а јас го исполнив ветувањето. Постигнав три гола и на крајот на раменици од навивачите бев изнесен од теренот, а потоа бев прошетан и низ целиот град. Толку беше голема нивната, но и мојата радост за победата – вели Семенков.
Во трите години во дресот на штипјаните имаше многу вакви моменти. Тоа беше еден од најубавите фудбалски периоди на Семенков.

КРАЈ НА КАРИЕРАТА ВО ТИВЕРИЈА

Бидејќи стана правник, Томе Семенков сакаше да се повлече од фудбалот. Но не можеше да ја одбие молбата на својот брат Кирил да настапува за Тиверија, за да ѝ помогне да влезе во МФЛ.
– Така, повторно се најдов на теренот. Дојдов само да ѝ помогнам на Тиверија, а станав нејзин прв стрелец. Постигнав повеќе од 30 гола и успеавме да го вратиме клубот во Македонската лига. Тоа беше подарок и за мојот постар брат Кирил, кој до крајот од животот беше почесен претседател на Тиверија – вели Семенков.
Така заврши последната епизода во Тиверија. Меѓутоа. љубовта кон фудбалот беше голема, па кога му беше понудено, со задоволство прифати да биде генерален секретар на Беласица, особено што тогаш тренер на екипата беше неговиот голем другар, за жал покојниот Благоја Истатов.

– Од ова време се сеќавам на куп-натпреварот со Динамо од Загреб, за кој настапуваше легендарниот струмички фудбалер Васил Рингов. За овој меч, кој заврши со победа на загрепчаните со 1-0, беа продадени рекордни 11.000 билети. И овој податок најубаво зборува колку струмичани го сакаат фудбалот – вели Семенков.

НА ГОСТИ КАЈ ИСТАТОВ

И завршувајќи ја оваа приказна за Томе Семенков, не можам а да не го пренесам неговото сеќавање за посетата кај Истатов во Холандија, кога тој беше голман на Утрехт.
– Истатов постојано нѐ канеше и просто инсистираше да одиме кај него на гости. Очигледно беше оти мечтаеше за старото друштво. Така, за да не го одбиеме, ни помалку ни повеќе, дури седуммина му отидовме во посета. Мислите дека го уплашивме? Не само што не се уплаши од „суријата“ гости туку беше пресреќен. Сите се сместивме во вилата со 11 соби. Ем на гости, ем сите во посебни соби. Згора на тоа, на располагање имавме и три автомобили и обезбедено јадење и пиење кај него. Вистинско уживање. Останавме подолго, па имавме можност да ги следиме и натпреварите на Утрехт. Тој беше вистински миленик на публиката.

Само за него се зборуваше, а ние бевме горди на тоа. Тогаш видовме колку го сакаат и го ценат нашиот Благој, кој беше олицетворение на човек со големо срце и со високи голмански квалитети, што впрочем го покажа цврсто чекорејќи на фудбалската сцена од Беласица, Победа, преку Партизан до Утрехт. Тој за сите нас останува во прекрасни спомени, а гостувањето кај него во Утрехт вечно ќе го паметам. И не е само тоа, веднаш по нас отиде една група од дваесетина негови другари. Сите беа негови гости – вели Семенков.
Овој пример ја покажува и другата димензија на фудбалот, покажува колку е големо другарството меѓу оние што со години биле заедно на зелениот терен. Тоа не се заборава, спомените често се прераскажуваат.

– Зарем може да се заборави она што ја исполнувало сета моја младост, зарем може да се заборават другарите? Некои од нив, за жал како Истатов или Шуменковски со кого играв во Брегалница, не се веќе меѓу нас, но затоа сме тука да не дозволиме да избледат нивните имиња. Тие живеат во нашите спомени и кога денес седам на трибините и ќе видам некоја убава интервенција на голманите, често знам да му кажам на мојот голем другар, адвокатот Никола Танчев, со кого заедно ги следиме мечевите, „одбрани како Истатов“ – вели Семенков.
Семенков е полн со приказни. Тој е човек со неверојатна меморија, кој ги памети дури и датумите кога се одиграни позначајните средби. Исто како што ја памети целата плејада фудбалери од струмичкиот крај, меѓу кои тој заедно со уште неколкумина беше меѓу најекспонираните.

Истатов и Семенков